1Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.
2Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, — ако љубов немам, ништо не сум.
3И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, — штом љубов немам, ништо не ми користи.
4Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива,
5не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло,
6не се радува на неправда, туку се радува на вистина,
7сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува.
8Љубовта никогаш не пропаѓа. А пророкувањата? Ќе минат. Јазиците? Ќе замолкнат. Знаењето? Ќе исчезне.
9Зашто само делумно спознаваме и само делумно пророкуваме;
10а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.
11Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детското.
12Сега гледаме како низ огледало, нејасно, а тогаш — лице в лице; сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознаам совршено како што и сум спознаен.
13А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.