Ruth 3
1 И ѝ рече Ноемина, свекрвата нејзина: »Ќерко, нели бива да живееш подобро!
2 Ете, Воз, со чии слугинки беше ти, е наш роднина, оваа ноќ тој го вее јачменот на гумното;
3 затоа изми се, намачкај се, промени се и оди на гумното, но не му се покажувај, додека заврши со јадењето и пиењето;
4 а кога ќе легна да спие, дознај го местото, каде ќе легне; тогаш оди, откри го откај нозете негови и легни; тој ќе ти каже што да правиш.«
5 Рут ѝ рече: »Ќе направам сѐ што ми кажа.«
6 И отиде на гумното и направи сѐ онака, како што ѝ порача свекрвата нејзина.
7 Воз се најаде и се напи, и го развесели срцето свое, и отиде, па легна да спие до стогот. И таа отиде полека, го откри од кај нозете негови и легна.
8 На полноќ тој се тргна, се обѕрна, а тоа при нозете негови лежи жена.
9 И ѝ рече Воз: »Која си ти?« Таа одговори: »Јас сум Рут, твоја робинка, рашири го крилото свое над својата робинка, зашто си ми роднина.«
10 Воз ѝ рече: »Благословена да си од Господа, ќерко! Таа своја последна милост ти ја изврши подобро од првата, кога не отиде да бараш момци, бедни или богати;
11 затоа не плаши се, ќерко! Јас ќе направам за тебе сѐ, што кажа ти; оти при секоја порта кај мојот народ знаат, дека ти се чесна жена;
12 иако е точно, дека сум ти роднина, но има друг роднина, поблизок од мене;
13 ноќевај таа ноќ; а утре, ако тој те земе, добро, нека те земе, ако, пак, не те земе, јас ќе те земам; жив е Господ! Спи до утре!«
14 И преспа таа при нозете негови до утрината и стана, пред да можат да се распознаа еден со друг, зашто Воз рече да не се знае дека доаѓала жена на гумното.
15 И ѝ рече: »Дај ја наметката што е на тебе, подржи ја.« Таа ја држеше, и тој ѝ измери шест мери јачмен, ја натовари и си отиде во градот.
16 А Рут дојде кај свекрва ѝ. Таа ја запраша: »Што направи, ќерко?« Таа ѝ раскажа сѐ, што беше направил оној човек за неа.
17 Таа рече: »Тој ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: ‚Не оди со празни раце при свекрвата своја!‘«
18 Таа ѝ рече: »Почекај, ќерко, додека да дознаеше, како ќе се сврши работата; зашто тој човек нема да се успокои, додека не ја сврши денес таа работа.«