Romans 15
1 Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси:
2 секој од вас должен е на својот ближен да му угодува во доброто за поука.
3 Оти и Христос не угоди на Себеси, па како што е напишано: »Хулењата на оние, што Те хулеа, паѓаа врз Мене«.
4 А сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж.
5 А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие помеѓу себе, според примерот на Христа Исуса,
6 та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос.
7 Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја.
8 Но велам дека Исус Христос стана слуга на обрезанието поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата, дадени на татковците,
9 а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за Неговата милосрдност, како што е напишано: »Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име«.
10 И пак е речено: »Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!«
11 И пак: »Фалете Го Господа сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!«
12 Исаија, исто така вели: »Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.«
13 А Бог на надежта нека ве исполни со секаква радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.
14 И јас сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со благост, исполнети со секакво разбирање, та можете да се поучувате еден со друг.
15 Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ви напомнам за дадената ми од Бога благодат,
16 за да Му бидам слуга на Исуса Христа меѓу незнабошците и свештенодејствено да го извршувам Божјото Благовестие, та приносот од незнабошците, осветен од Светиот Дух, да биде благопријатен.
17 И така, со тоа можам да се пофалам во Исуса Христа кај Бога,
18 оти не смеам да речам ништо, што не го извршил Христос преку Мене, за да станат и незнабошците послушни на верата, со слово и дело,
19 со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, така што Благовестието Христово го распространив од Ерусалим и неговата околина дури до Илирик.
20 И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму, каде што името Христово беше веќе извесно, за да не ѕидам врз туѓ темел,
21 а како што е и напишано: »На оние, на кои не им се јави за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе узнаат«.
22 Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам при вас.
23 Сега, пак, бидејќи немам веќе такво место во овие земји, а од многу години наваму копнеев да дојдам при вас,
24 ако тргнам за Шпанија, ќе дојдам кај вас. Оти, преминувајќи таму, се надевам да ве видам и натаму вие да ме испратите, откако најнапред се порадувам на вас.
25 А сега одам во Ерусалим, за да им послужам на светиите,
26 зашто Македонија и Ахаја благоволија да дадат некаков принос за бедните светии во Ерусалим.
27 Благоволија, па и должни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тоа тие се должни и ним да им служат со материјални блага.
28 А откако ќе го направам ова и им го запечатам овој плод, низ вашите места ќе заминам за Шпанија.
29 А знам дека, кога ќе дојдам при вас, ќе дојдам со полн благослов на Христовото Евангелие.
30 Браќа, ве молам поради нашиот Господ Исус Христос и поради љубовта на Духот, помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене,
31 за да се избавам од оние што не веруваат, кои се во Јудеја, и службата моја во Ерусалим да им биде благопријатна на светиите:
32 та радосен да дојдам при вас со Божјата волја и да се успокојам со вас.
33 А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин!