Romans 14
1 Слабиот во вера примајте го без расправии за мислењата,
2 оти некој верува дека може да јаде сѐ, а немошниот јаде зелје.
3 Кој јаде, нека не го укорува оној, што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној, што јаде, бидејќи Бог го примил.
4 Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои или паѓа. Но ќе биде исправен, зашто Бог е моќен да го исправи.
5 Така, еден разликува ден од ден, а друг сите денови ги смета еднакви. Секој нека остане уверен во својата мисла.
6 Оној, што ги разликува деновите, ги разликува за Господа; и кој не ги разликува деновите, за Господа не ги разликува. Кој јаде, за Господа јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господа не јаде, и Го фали Бога.
7 Зашто никој од нас не живее за себеси и никој не умира за себеси;
8 туку, живееме ли – за Господа живееме, умираме ли – за Господа умираме; според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме.
9 Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживе, за да господари и над мртвите и над живите.
10 А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов.
11 Оти е напишано: »Жив сум Јас, вели Господ, пред Мене ќе се преклони секое колено и секој јазик ќе Го исповеда Бога«.
12 И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе.
13 Затоа, пак, да не судиме еден друг, а подобро судете за тоа – на брата си да не му поставувате сопка или соблазан.
14 Знам и уверен сум преку Господа Исуса Христа дека нема ништо нечисто само по себе; освен кога некој мисли дека е нешто нечисто, за него тоа е нечисто.
15 А ако, пак, братот твој е огорчен поради јадење, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со своето јадење оној, за кого Христос умре.
16 Гледајте да не се хули на вашето добро.
17 Оти царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух.
18 Зашто, оној кој Му служи на Христа со овие работи, тој Му е угоден на Бога и мил на луѓето.
19 И така, да го бараме она, што служи за мир и заемно подобрување еден на друг.
20 Поради јадење не уривај го делото Божјо. Сѐ е чисто, а тешко е за оној човек, кој јадејќи се соблазнува;
21 подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо, од кое братот твој се сопнува, или се соблазнува, или, пак, слабее.
22 Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога. Блазе на оној, кој не се осудува себеси за она што нашол дека е добро.
23 А кој се сомнева, ако јаде, осуден е; зашто не јаде со вера; а сѐ што не е според верата, грев е.
24 А на оној, Кој може да ве утврди според моето благовестие и проповедта за Исуса Христа, според откровението на тајната што е замолчувана досега од вечни времиња,
25 а објавена сега, преку Писмата пророчки, и по заповед на вечниот Бог известена на сите народи поради покорност на верата,
26 односно на Единиот премудри Бог, а преку Исуса Христа, нека е слава во сите векови. Амин!