Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Romans 12

:
Macedonian - 1990
1 Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба,
2 и не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја.
3 Зашто, преку благодатта, што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли; туку мислете скромно според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил.
4 Оти, како што во едно тело имаме многу органи, но сите членови не вршат една иста работа,
5 па така и ние сме едно тело во Христа, а посебно еден на друг сме му органи.
6 Според дадената благодат имаме разни дарови: ако е до пророштво, тогаш нека биде според верата;
7 служба ли, нека служи; учител ли е нека учи;
8 наставник ли е нека утешува; дарител ли, нека дарува; управител ли е, нека управува; кој што прави, нека го врши тоа со добра волја.
9 Љубовта нека не биде лицемерна; отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто;
10 еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.
11 Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа;
12 бидете радосни во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани;
13 помагајте им на светиите во нивните нужди; трудете се да бидете гостопримливи;
14 благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги, но не и да ги колнете.
15 Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите!
16 Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; не мислете дека сте мудри;
17 и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе.
18 Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе.
19 Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: »Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам вели Господ«.
20 И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; оти, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова.
21 Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро.