Romans 11
1 И така, ви велам: зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Оти и јас сум Израилец, од семето Авраамово, од коленото Венијаминово.
2 Бог не го отфрли Својот народ, кој однапред Го разбра. Или, пак, не знаете што кажува Писмото за Илија, како тој Му се пожали на Бога од Израилот, велејќи:
3 Господи, ги избија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас останав сам, и сакаат да ми ја земат душата.
4 А како му вели Божјиот одговор: »Си оставив седум илјади мажи, кои не ги преклонија колената пред Ваала«.
5 Така е, пак, во сегашно време; остатокот се спаси по избор на благодатта.
6 Но, кога е по благодат, не е по дела; оти благодатта веќе не би била благодат. Ако, пак, е по дела, тоа веќе не е благодат; зашто инаку делото не би било веќе дело.
7 А што? Израилот не го доби она, што го бараше; избраните, пак, го добија, а другите се ожесточија,
8 како што е напишано: »Бог им даде дух што не чувствува: очи да не гледаат, и уши – да не слушаат, дури до денешниов ден.«
9 И Давид рече: »Трпезата нивна да им биде замка, клопка, сопка и отплата;
10 да им се заматат очите нивни, за да не гледаат, и 'рбетот нивни да им се превитка засекогаш«.
11 Ви велам пак: зар се сопнаа, за да паднат? Не! Но преку нивното паѓање дојде спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност.
12 Ако е, пак, паѓањето нивно богатство за светот, и отпаѓањето нивно богатство за незнабошците, тоа колку повеќе ќе биде обраќањето на нив сите.
13 Вам, на незнабошците, ви велам: до колку сум апостол на незнабошците, јас ја прославувам својата служба,
14 та некако да возбудам ревност во својот род по плот, и некого од нив да спасам.
15 Зашто, ако нивното отфрлање е спасение за светот, тоа какво ли ќе биде нивното примање, ако не воскресение од мртвите?
16 Кога е квасот свет, тогаш свето е и тестото: и ако е коренот свет, свети се и гранките.
17 Ако, пак, некои од гранките се отцепиле, а ти, бидејќи дива маслинка, си се накалемил на нивното место и си станал соучесник на коренот и на маслиновиот сок,
18 затоа не фали се пред гранките. Ако, пак, се фалиш, знај дека ти не го држиш коренот, туку коренот – тебе.
19 Но ќе речеш: се отцепија гранките, за да се прикалемам јас.
20 Добро. Тие преку неверие се отцепија, а ти преку вера се држиш: не мисли за себе високо, туку имај страв.
21 Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, гледај та и тебе да не те поштеди.
22 Гледај ја, пак, Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако останеш во благоста; инаку, ти ќе бидеш отсечен.
23 Но, тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, оти Бог е моќен пак да ги прикалеми.
24 Зашто, ако си ти отсечен од природна дива маслинка, и против природата си прикалемен на питома маслинка, тоа тогаш колку полесно оние, природните, ќе бидат прикалемени на својата маслинка.
25 Не сакам, браќа, да не ја знаете таа тајна – за да не бидете горди – дека слепотија на еден дел од Израилот му падна, додека не влезат незнабошците, колку што е потребно,
26 и по таков начин целиот Израил ќе се спаси, како што е напишано: »Ќе дојде од Сион Избавителот и ќе ја отстрани безбожноста од Јакова«.
27 И тоа им е ним завет од Мене, кога ќе ги одземам нивните гревови.
28 Што се однесува до Благовестието, тие се непријатели поради вас; но во изборот тие Му се омилени на Бога заради татковците,
29 зашто Бог нема да се покае за даровите Свои и призовувањето.
30 Како што и вие некогаш бевте непокорни на Бога, а сега сте помилувани, поради нивното непокорство,
31 така и тие се и сега непокорни, поради вашето помилување, та и самите да бидат помилувани.
32 Оти Бог ги затвори сите во непокорство, па сите да ги помилува.
33 О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!
34 Оти, кој ја позна мислата на Господа? Или, кој Му бил советник?
35 Или, кој однапред Му дал нешто, та и Он да му возврати?
36 Зашто, сѐ е од Него, преку Него и во Него. Нему слава во веки. Амин!