Revelation 4
1 Потоа погледнав, и ете, врата отворена на небото, и поранешниот глас, што го бев чул како од труба, кој зборуваше со мене, рече: »Искачи се овде и ќе ти покажам што треба да стане потоа!«
2 И веднаш бев обземен од духот. И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој.
3 Оној, Кој седеше, изгледаше како камен од јаспис и сардис, а околу престолот виножито, кое што прилегаше на смарагд.
4 Околу престолот, пак, имаше дваесет и четири престоли; а на престолите видов седнати дваесет и четири Старци, облечени во бели алишта, а на главите имаа златни венци.
5 И од престолот излегуваа молњи, громови и гласови, а пред престолот гореа седум огнени светила, кои што се седумте Божји духови;
6 пред престолот, пак, имаше стаклено море, слично на кристал; а сред престолот и околу престолот – четири животни, однапред и одназад полни со очи:
7 првото животно прилегаше на лав, второто – на теле, третото животно имаше лице како на човек, а четвртото личеше на орел во лет.
8 И четирите животни имаа по шест крилја околу себе, а одвнатре беа полни со очи, и без прекин дење и ноќе воскликнуваа: »Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот, Кој беше, Кој е и Кој ќе дојде!«
9 А кога животните Му воздаваа слава, чест и благодарност на Седнатиот на престолот, на Живиот во веки веков,
10 дваесет и четирите Старци паѓаа пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во сите векови и ги полагаа своите венци пред престолот, велејќи:
11 Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!