Revelation 5
1 И видов во десницата на Оној, Кој седеше на престолот, книга напишана одвнатре и однадвор, запечатена со седум печати.
2 И видов силен ангел, што викаше со висок глас: »Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?«
3 И никој не можеше, ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа.
4 И јас многу плачев, дека никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ја гледа.
5 А еден од Старците ми рече: »Не плачи! Ете, победи Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!«
6 Погледав, и ете, среде престолот и четирите животни и среде Старците стоеше Агнецот, како заклан, со седумте рога и седумте очи, кои што се седумте духови Божји, пратени по целиот свет.
7 Он дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.
8 И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старци паднаа пред Агнецот, држејќи секој од нив гусле и златни чаши, полни со темјан, кои што се молитвите на светиите;
9 и пееја нова песна, велејќи: »Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,
10 и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници; и ќе царуваме на земјата!«
11 Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и Старците, а бројот им беше мирјада мирјади и илјада илјади,
12 кои зборуваа со висок глас: »Достоен е закланиот Агнец да ја прими силата и богатството, премудроста и моќта, честа, славата и благословот!«
13 И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув да зборува: »На Оној, Кој седи на престолот, и на Агнецот – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!«
14 А четирите животни велеа: »Амин!« И дваесет и четирите Старци паѓаа и Му се поклонуваа на Живиот во сите векови.