Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Revelation 3

:
Macedonian - 1990
1 И на ангелот на Сардската црква напиши му: еве што вели Оној, Кој ги има седумте ѕвезди ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а си мртов.
2 Биди буден и утврдувај ги оние, што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог.
3 Помни, пак, како си примил и чул, и пази, и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам врз тебе како крадец, и нема да узнаеш, кога ќе дојдам над тебе.
4 Но во Сард имаш малку имиња, што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни.
5 Кој победува, ќе се облече во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели.
6 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
7 И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинскиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој нема да затвори и Кој затвори, никој не ќе отвори
8 ги знам делата твои. Ете, ти дадов врата отворена, и никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое.
9 Ете, ќе ти дадам некои од сатанската зборница оние, што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат, дека Јас те засакав.
10 Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена, за да ги искуша оние што живеат на земјата.
11 Ете, идам скоро: држи, што имаш, за да не го земе никој венецот твој.
12 Оној, кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам над него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегнува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име.
13 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
14 И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинскиот Сведок, Почетокот на Божјото создание
15 ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок!
16 Така, бидејќи си млак, и не жежок, ниту студен, ќе те изблуам од устата Своја.
17 Оти велиш: »Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба«, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол;
18 те советувам да си купиш од Мене злато, низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бело облекло, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои, за да гледаш.
19 Кои Јас ги сакам, нив ги карам и казнувам. И така, биди ревностен и покај се.
20 Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.
21 На оној, што победува, ќе му позволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол.
22 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.