Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Psalms 103

:
Macedonian - 1990
1 Благословувај Го, душо моја, Господа, Господи, Боже мој, ти си севозвеличил; во слава и велелепие си се облекол;
2 Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор;
3 со вода си ги покрил Твоите дворови, облаците си ги направил за да одиш по нив, кога се движиш ветрот Ти служи како крилја.
4 Ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен.
5 Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш.
6 Си ја покрил со бездна како со облака, води ќе стојат на горите.
7 Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се бојат;
8 се издигаат горите, се спуштаат долините, на места што си им ги определил.
9 Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат земјата.
10 Си управил извори во долините: меѓу горите течат води,
11 ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите осли ја гаснат жедта своја.
12 При нив живеат птици небесни, меѓу камењата пуштаат глас.
13 Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува земјата.
14 Ти правиш да расте трева за добитокот и растение за потреба на луѓето, за да произведат леб од земјата
15 и виното што го весели срцето на човекот, и елејот од кој блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот.
16 Се заситуваат дрвјата по полето, кедрите ливански, што си ги посадил;
17 на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите.
18 Високите гори на срните; камењата прибежиште на зајаците.
19 Он ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето го знае својот запад.
20 Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови;
21 лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе.
22 Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла;
23 човекот излегува по своја работи и работи до вечерта.
24 Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија.
25 А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни;
26 таму пловат кораби, таму е чудовиштето што си го создал да игра во него.
27 Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.
28 Им даваш примаат, ја отвораш раката Своја се наситуваат со блага;
29 го одвратиш ли лицето Свое се збунуваат, им го одземеш ли духот нивни умираат и во земјата своја се враќаат.
30 Го праќаш ли духот Свој се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата.
31 Нека пребива славата на Господа вечно; нека се весели Господ за делата Свои!
32 Погледнува ли кон земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие димат.
33 Ќе му пеам на Господа преку целиот мој живот, ќе му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам.
34 Нека Му биде мила беседата моја! ќе се веселам во Господа.
35 Нека ги снема грешниците од земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја!