Proverbs 27
1 Не се фали со утрешниот ден, зашто не знаеш, што ќе роди тој ден.
2 Нека те фали друг, е не устата твоја, – туѓ, а не јазикот твој.
3 Тежок е каменот, тешка е и песокта; но гневот на безумниот е потежок и од едното – и од другото.
4 Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта?
5 Подобро отворено разобличување, отколку сокриена љубов.
6 Искрени се ударите од оној, кој сака, а лажливи се бакнежите од оној, кој мрази.
7 Сита душа го гази и восочниот мед, а на гладна душе сѐ што е горчливо – слатко ѝ е.
8 Она што е птица, која го напушта гнездото свое, тоа е човек, кој го напуштил местото свое.
9 Мирисот од елеј и темјанот го радуваат срцето; така сладок му станува на секого пријателот со неговиот срдечен совет.
10 Не напуштај го пријателот свој, ниту пријателот на таткото твој, и не му оди на братот во куќата негова во денот на неволјата твоја; подобро сосед во близина, отколку брат надалеку.
11 Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, – и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети.
12 Умниот го гледа злото и се клони од него; а неискусните одат напред и биваат казнувани.
13 Земи му ја облеката, зашто се заложил за туѓинец; и за туѓинката земи од него залог.
14 Кој многу го фали пријателот свој од рано утро, ќе го сметаат за клеветник.
15 Непрестајно капење од стреа во дождлив ден и жена кавгаџика се едно исто:
16 кој сака да ја задржи, задржува ветар, а таа се појавува како миризлив елеј во десницата.
17 Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој.
18 Кој сади смоква, ќе ги јаде плодовите нејзини, и кој го чува господарот свој, ќе биде почитуван.
19 Како што е во водата лице спроти лице, така е и срцето на човека спроти човек.
20 Пеколот и бездната не можат да се наситат: така се ненаситни и очите човечки. Одвратен пред Господа е оној, кој дрско ги крева очите, и неразумни се, оние што имаат невоздржлив јазик.
21 Она што е топилницата за среброто и печката за злато, тоа се за човекот устите, што го фалат. Срцето на беззаконикот бара зло, а правото срце бара знаења.
22 Безумниот да го толчиш со железо во дибек заедно со зрната, – безумието нема да се оддели од него.
23 Добро надгледувај го добитокот свој, води грижа за стадата свои;
24 зашто богатството не е вечно, пак и власта – зар сѐ е од род во род?
25 Тревата никнува, и зеленило се јавува, па се собираат билки горски,
26 Тогаш овците треба да ти бидат тебе за облека, и козите – за купување ниви;
27 Ќе имаш доволно козјо млеко за тебе и за твоите домашни за храна и на твоите слуги за исхрана.