Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Mark 7

:
Macedonian - 1990
1 Се собраа при Него фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим.
2 И кога видоа дека некои од Неговите ученици јадат леб со нечисти, односно со неизмиени раце, ги укорија.
3 Зашто фарисеите и сите Јудејци, држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите;
4 и кога ќе се вратат од пазар, не јадат, дури не се измијат; и уште многу друго има што примиле и го држат; миење чаши, чинии, котли и столови.
5 Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: »Зошто учениците Твои не постапуваат според преданието на старите, но со неизмиени раце јадат леб?«
6 А Он им одговори и рече: »Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‚Овој народ со уста Ме почитува, а со срцето свое стои далеку од Мене;
7 но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби.‘
8 Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко: миење чинии и чаши, и вршите многу други слични работи.«
9 И им рече: »И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание.
10 Оти Мојсеј рече: ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘, и ‚Кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни,‘
11 А вие велите: ‚Ако некој каже на татка си или на мајка си: корван, односно, ветено е на Бога она, со кое би се ползувал ти од мене.‘
12 И на таков не оставате веќе ништо да направи за својот татко или за својата мајка,
13 престапувајќи го словото Божјо со вашето предание, што сте го предавале вие; и многу такви слични работи вршите.«
14 И кога го повика сиот народ, им рече: »Слушајте Ме сите и разберете:
15 ништо што влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; освен она што излегува од него, тоа го осквернува човекот.
16 Ако некој има уши да слуша, нека чуе!«
17 И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, учениците Негови Го прашаа за параболата.
18 А Он им рече: »Зар сте и вие така неразумни? Не разбирате ли дека ништо, што влегува во човекот од надвор, не може да го оскверни?
19 Оти не во срцето му влегува тоа, а во стомакот, и излегува надвор, чистејќи ја сета храна.«
20 И уште им рече: »Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот.
21 Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства,
22 кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство.
23 Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот.«
24 И кога се крена оттаму, отиде во пределите Тирски и Сидонски; и кога влезе во една куќа, сакаше никој да не Го узнае. Но не можеше да се сокрие.
25 Зашто чу за Него една жена, чија ќерка имаше нечист дух, па, како дојде, падна пред нозете Негови.
26 А таа жена беше друговерка, по потекло Сирофеничанка; и Го молеше да го истера бесот од ќерка ѝ.
27 Но Исус ѝ рече: »Остави најнапред да се насити челадта; зашто не е добро да се земе лебот од челадта и да им се фрли на кучињата.«
28 И таа одговори и Му рече: »Да, Господи! Но и кучињата јадат под трпезата, од трошките на челадта.«
29 И ѝ рече: »За тој збор оди си! Бесот излезе од ќерка ти!«
30 И кога се врати дома, ја најде ќерка си како лежи на постела, а бесот беше излегол.
31 И пак излезе Исус од пределите Тирски и Сидонски и отиде кон Галилејското Море, низ пределите на Десеттоградието.
32 И доведоа при Него еден глув и тепкав, па Го молеа да положи над него рака.
33 Исус, откако го одведе настрана од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши; а кога плукна, го допре неговиот јазик;
34 па, штом погледна на небото, воздивна и му рече: »Ефата!« што значи: »Отвори се!«
35 И веднаш му се отвори слухот, и се разврзаа врските на неговиот јазик и говореше чисто.
36 И им заповеда никому да не кажуваат. Но, во колку Он им забрануваше, во толку повеќе тие разгласуваа.
37 И прекумерно се чудеа и велеа: »Сѐ добро прави: и глувите ги прави да слушаат и немите да зборуваат.«