Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Mark 8

:
Macedonian - 1990
1 Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече:
2 »Ми е жал за народот, оти три дена веќе стојат при Мене и нема што да јадат.
3 Ако ги распуштам гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои дошле од далеку.«
4 Учениците му одговорија: »Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?«
5 И ги праша: »Колку лебови имате?« А тие одговорија: »Седум.«
6 Тогаш му заповеда на народот да поседне по земјата; па, откако ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги ставија пред народот.
7 Имаа и малку риби; како ги благослови, заповеда да ги разделат и нив.
8 И јадеа, и се наситија; и кренаа седум кошници останати парчиња.
9 А оние, што јадеа, беа околу четири илјади. И ги распушти.
10 И веднаш влезе во кораб со учениците Свои и дојде во пределите Далманутски.
11 И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, Му побараа чудо од небото.
12 А Он воздивна длабоко и рече: »Зошто овој бара чудо? Вистина ви велам: нема да се даде чудо на овој род.«
13 И кога ги остави, пак влезе во коработ и премина на другата страна.
14 А тие, пак, беа заборавиле да земат леб и во коработ немаа со себе повеќе, освен еден леб.
15 А Он им заповеда и рече: »Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!«
16 И си размислуваа помеѓу себе, велејќи: »Тоа е што немаме леб.«
17 А Исус, кога ги разбра, им рече: »Што мислите дека немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце?
18 Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли?
19 Кога ги раскршив петте лебови, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња кренавте?« Му рекоа: »Дванаесет.«
20 А седумте за четири илјади, колку кошници со останати парчиња собравте? Тие одговорија: Седум.
21 И им рече: »Па како тогаш не разбирате?«
22 Потоа дојде во Витсаида; и доведоа при Него слеп и Го молеа да се допре до него.
23 И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете над него, па го праша дали гледа нешто.
24 Тој, кога погледна, рече: »Ги гледам луѓето да врват како дрвја.«
25 Потоа пак ги положи рацете над очите негови и му рече да погледа. И му се поврати видот и ги гледаше сите јасно.
26 И го испрати во домот негов и му рече: »Не се одбивај в село, ниту раскажувај некому!«
27 И излезе Исус со учениците Свои по селата на Ќесарија Филипова. По патот ги праша учениците Свои и им рече: »За кого Ме мислат луѓето?«
28 Тие одговорија: »За Јована Крстител, некои за Илија, а други, пак, за еден од пророците.«
29 Он, пак им рече: »А вие, за кого ме мислите?« Петар Му одговори и рече: »Ти си Христос!«
30 И им забрани да говорат за Него кому и да било.
31 Па почна да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне.
32 И говореше за тоа откриено. Но Петар, како Го повлече настрана, почна да Го одвраќа.
33 А Он, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петра да говори и рече: »Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко.«
34 И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: »Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.
35 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси.
36 Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?
37 Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
38 Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.«