Mark 4
1 И пак почна да поучува покај морето; и се собра околу Него многу народ; Он влезе тогаш во кораб во морето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето.
2 И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше:
3 »Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее;
4 и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа.
5 Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, оти земјата не беше длабока;
6 а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија.
7 Некои паднаа во трње; и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод.
8 А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа; кое триесет, кое шеесет, кое сто.«
9 И им рече: »Кој има уши да слуша, нека чуе!«
10 А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за параболата.
11 И им кажа: »Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ ќе им се кажува во параболи,
12 за да гледаат со очи, и да не видат; да слушаат со уши, и да не разбираат; оти се бојат да не се покајат некогаш, та да им се простат гревовите.«
13 И им рече: »Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите приказни?
14 Сејачот го сее словото.
15 Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но при кои, откако го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го граби словото, посеано во срцата нивни.
16 Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат,
17 но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.
18 Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото,
19 но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно.
20 А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и принесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.«
21 И Им рече: »Зар се внесува светило за да се тури под поклоп или под одар? Не затоа ли, да се стави на свеќник?
22 Оти нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту, пак, нешто сокриено, а да не излезе на видело.
23 Ако некој има уши да слуша, нека чуе!«
24 И им велеше: »Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде вам што слушате.
25 Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.«
26 Па рече: »Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја,
27 па спие и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае.
28 Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот.
29 А кога узрее плодот, одеднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.«
30 Пак продолжи: »Со што да го споредиме царството Божјо, или со каква парабола да го прикажеме?
31 Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите семиња земни;
32 а кога се посее, израснува и станува поголемо од сите растенија, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.«
33 И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат.
34 И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше.
35 Тој ден вечерта им рече: »Да минеме на спротивната страна!«
36 И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а го следеа и други кораби,
37 И се подигна голема бура, и брановите се префрлуваа во коработ – така што тој веќе пропаѓаше.
38 Он, пак, беше на кормилото и спиеше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: »Учителе, зар не Ти е жал што загинуваме?«
39 А кога стана, му забрани на ветрот и му рече на морето: »Молкни, престани!« И ветрот стивна и настана голема тишина.
40 Па им рече: »Што сте така плашливи? Како немате толку вера?«
41 И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: »Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?«