Mark 3
1 И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака.
2 И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат.
3 А Он му рече на човекот со исушената рака: »Застани насреде!«
4 Ним, пак, им кажа: »Во сабота позволено ли е да прави човек добро, или зло; да спаси една душа, или да ја погуби?«
5 Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: »Протегни ја раката своја!« Тој ја протегна, и таа му стана здрава, како и другата.
6 Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со иродовците на совет против Него, како да Го погубат.
7 Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето, и по Него одеше многу народ од Галилеја, и од Јудеја,
8 од Ерусалим, и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него.
9 И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Му додева;
10 зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа на Него за да се доближат до Него.
11 И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: »Ти си Син Божји!«
12 Но он строго им забрануваше да разгласуваат за Него.
13 Потоа се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои Сам ги одбра, и тие дојдоа при Него.
14 Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат;
15 и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови:
16 првиот Симон, кого го нарече Петар;
17 па Јаков Зеведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи: синови на громот;
18 потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит
19 и Јуда Искариотски, кој и Го предаде.
20 И дојдоа во една куќа; и пак се собра народ – така што и тие не можеа ни леб да јадат.
21 И кога чуја Неговите домашни, отидоа да Го приберат, оти се говореше дека не бил на Себеси.
22 А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека бесовите ги истерува со силата на кнезот демонски.
23 И кога ги повика, им говореше во параболи: »Како може сатаната да изгонува сатана?
24 Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи;
25 и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане;
26 ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи; му дошол крајот и нему.
27 Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе покуќнината.
28 Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие;
29 но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.«
30 Тоа го рече, оти велеа: »Нечист дух е во Него.«
31 И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат.
32 А околу Него седеше народ. И Му рекоа: »Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.«
33 А Он им одговори, велејќи: »Која е мојата мајка, или кои се браќата Мои?«
34 Па, како ги погледна оние што седеа околу Него, рече: »Еве ги Мојата мајка и Моите браќа.
35 Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.«