Luke 9
1 Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести,
2 и ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни.
3 И им рече: »Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате!
4 Но, во која куќа влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат.
5 А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, ним за сведоштво.«
6 А кога излегоа, тие одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде.
7 Ирод четворовласникот, кога чу што прави Он, беше во недоумение, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;
8 други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци.
9 И рече Ирод: »На Јована јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?« И сакаше да Го види.
10 А апостолите, кога се вратија, Му кажаа што направиле. Па, откако ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида.
11 Но народот, штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.
12 А денот почна да намалува. И се приближија до Него дванаесетте и Му рекоа: »Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; оти овде сме во пусто место.«
13 Но Он им рече: »Дајте им вие да јадат!« Тие одговорија: »Ние немаме повеќе од пет лебови и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.«
14 А тие беа околу пет илјади души. Но Он им рече на учениците Свои: »Кажете им да поседнат на купчиња по педесет.«
15 И направија така, и ги поредија сите.
16 А Он, кога ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, за да ги стават пред народот.
17 И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.
18 Еднаш, кога Исус се молеше насамо и учениците Негови беа со Него, Он ги праша: »За кого Ме мисли народот?«
19 Тие одговорија и рекоа: »Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.«
20 Он им рече: »А вие, за кого Ме мислите?« Петар одговори и рече: »За Христа Божји.«
21 И Он строго им заповеда, никому да не кажуваат за тоа,
22 велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
23 А на сите им зборуваше: »Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене!
24 Оти, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси.
25 Зашто, каква му е ползата на човека, ако го придобие целиот свет, а себе погуби или си направи зло?
26 Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.
27 Вистина ви велам, овде стојат некои, што не ќе вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо.«
28 На осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петра, Јована и Јакова, и се искачи на гората да се помоли.
29 И кога се молеше, видот на лицето Негово се измени, и облеката Му стана бела и светла.
30 И ете, два човека разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија.
31 Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим.
32 А Петра и оние, што беа со Него, беше ги совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него.
33 И кога се одделуваа од Него, Петар Му рече на Исуса: »Наставниче, добро ни е овде; да направиме три сеници: за Тебе една, за Мојсеја една, и за Илија една!« – не знаејќи што зборува.
34 Кога го велеше тоа, одеднаш се јави облак и ги засени; и се уплашија, штом влегоа во облакот.
35 И се чу глас од облакот, кој велеше: »Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!«
36 А кога се чу тој глас, Исус беше останал Сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тие дни за она што беа виделе.
37 А на другиот ден, кога слегнаа од гората, Го пресретна многу народ.
38 И ете, некој во народот извика: »Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син! Оти ми е единец!
39 Го прифаќа дух и тој наеднаш вриска; го крши силно, така што пена му се појавува; и кога ќе го измачи, одвај го напушта.
40 Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.«
41 Одговори Исус и рече: »О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!«
42 И додека тој уште приоѓаше, бесот го кутна и почна да го крши. Но Исус му заповеда на нечистиот дух, и го излекува момчето, и го предаде на татка му.
43 И сите се чудеа на величината Божја. И додека се чудеа сите на сѐ, што правеше Исус, Он им рече на учениците Свои:
44 Сложете ги во ушите свои овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки.
45 Но тие не го разбраа оној збор, зашто беше сокриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за неговото значење.
46 И им дојде мисла: кој од нив е најголем.
47 А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе,
48 па им рече: »Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.«
49 Одговори Јован и рече: »Наставниче, видовме еден човек, кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.«
50 Исус му рече: »Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас.«
51 А кога се приближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим;
52 и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да приготват за Него.
53 Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник, што оди во Ерусалим.
54 Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Јован, рекоа: »Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?«
55 Но Он се сврте кон нив, ги искара и рече: »Не знаете од каков дух сте вие;
56 зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да спаси.« И отидоа во друго село.
57 А кога одеа по патот, некој Му рече: »Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.«
58 Исус му рече: »Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни.«
59 На друг, пак, му рече: »Врви по мене!« А тој одговори: »Господи, позволи најнапред да отидам да го погребам татка ми!«
60 Но Исус му рече: »Остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го царството Божјо!«
61 А друг еден рече: »Господи, ќе одам по Тебе, но позволи ми најнапред да се простам со своите домашни.«
62 Исус, пак, му рече: »Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо.«