Luke 8
1 Потоа Он одеше по градовите и селата, проповедајќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесетте,
2 и некои жени, што беа излекувани од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони;
3 и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои Му служеа со своите имоти.
4 А кога се собра многу народ, и кога жителите од сите градови приоѓаа кај Него, Он ја кажа оваа парабола:
5 »Излезе сејач на семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа;
6 а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага;
7 едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши;
8 а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.« Откако го рече ова, извика: »Која има уши да слуша, нека чуе!«
9 А учениците Негови Го прашаа, велејќи: »Што значи таа парабола?«
10 Он рече: »Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не виѓаат, и слушајќи да не разбираат.
11 А оваа парабола значи: семето е словото Божјо.
12 Она, што падна покрај патот, се оние, кои слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат;
13 а она на камен – се оние, кои кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенија, тие се откажуваат;
14 тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние, што го слушаат словото, но кога отидат, се подаваат на грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод;
15 а оние на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение.« Штом го рече тоа, извика: »Кој има уши да слуша, нека чуе!
16 Никој кога запали свеќа, не ја поклопува со сад, ниту ја става под одар, туку ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат.
17 Оти нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело.
18 Па, пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.«
19 Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да се приближат до Него поради народот.
20 И Му јавија, велејќи: »Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.«
21 А Он им одговори и рече: »Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.«
22 Еден ден влезе Он во кораб со учениците Свои и им рече: »Да минеме на другата страна од езерето!« И појдоа.
23 Кога, пак, пловеа, Он заспа. А над езерото се појави силен ветар, па ги плискаше водата и тие беа во опасност.
24 Пристапија и Го разбудија, говорејќи: »Наставниче, Наставниче, загинуваме!« А Он, штом се разбуди, им забрани на ветрот и на брановите; и тие се смирија и настана тишина.
25 И им рече: »Каде е верата ваша?« А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: »Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?«
26 И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.
27 А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите.
28 Кога Го виде Исуса, извика и падна пред Него, и гласно рече: »Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!«
29 Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди во пусти места.
30 А Исус го праша, велејќи: »Како ти е името?« Тој одговори: »Легион«, зашто многу бесови беа влегле во него.
31 И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната.
32 А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи.
33 И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото.
34 Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината.
35 И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија.
36 А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек.
37 И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати.
38 Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи:
39 Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог! Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус.
40 А кога се врати Исус, народот Го пресретна, оти сите Го очекуваа.
41 И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Па кога падна пред нозете Исусови, Го молеше да појде во домот негов,
42 зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него.
43 И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува,
44 пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението.
45 И рече Исус: »Кој се допре до Мене?« А кога сите се откажуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него: »Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘«
46 Но Исус рече: »Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.«
47 Жената, штом виде оти не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела.
48 А Он ѝ рече: »Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!«
49 Додека Он уште зборуваше, дојде некој од управникот на синагогата и Му рече: »Ќерка ти умре; не мачи Го учителот!«
50 Но Исус, штом го чу тоа, одговарајќи, му рече: »Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!«
51 А кога пристигна во куќата, никому не му позволи да влезе, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојката.
52 Сите плачеа и ридаа по неа. Но Он им рече: »Не плачете, таа не е умрена, туку спие.«
53 И му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена.
54 А Он откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: »Девојко, стани!«
55 И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде.
56 И се зачудија родителите нејзини. А Он им заповеда, никому да не кажуваат за тоа што стана.