Luke 7
1 И кога ги заврши зборовите Свои кон народот, што слушаше, Он влезе во Капернаум.
2 Слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање; а многу го сакаше.
3 Па како чу за Исуса, ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов.
4 А тие, штом дојдоа при Исуса, Го молеа усрдно и велеа: »Достоен е да му го направиш тоа,
5 оти го сака нашиот народ, и синагогата тој ни ја направи.«
6 И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите свои при Него, говорејќи: »Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив;
7 затоа и сам себе не се најдов достоен да дојдам при Тебе, туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави;
8 оти и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ – и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ – и тој доаѓа; и на слугата свој: ‚Направи тоа!‘ – и тој прави.«
9 Штом го чу тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: »Ви велам, ни во Израилот не најдов толку голема вера!«
10 Испратените кога се вратија, го најдоа болниот слуга здрав.
11 И се случи потоа да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ.
12 А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.
13 Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: »Не плачи!«
14 И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: »Момче, тебе ти велам, стани!«
15 Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му.
16 И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: »Голем пророк се јави меѓу нас« и »Бог го посети Својот народ.«
17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
18 И му соопштија на Јована учениците негови за сето тоа.
19 Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: »Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?«
20 И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: »Јован Крстител нѐ прати при Тебе, велејќи: ‚Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?‘«
21 Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид.
22 И им одговори Исус и рече: »Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието;
23 и блажен е оној, кој не ќе се соблазни поради Мене.«
24 А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: »Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее на ветар?
25 Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние, што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се.
26 Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк.
27 Овој е, за кого што е напишано: ‚Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘
28 Оти ви велам: меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јована Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.«
29 И сите луѓе, што слушаа, па и митниците, Му благодареа на Бога дека се беа крстиле со крштавањето Јованово;
30 а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, и не се крстија со него.
31 И рече Господ: »Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични?
32 Тие личат на деца што седат по пазариштата и викаат едно на друго, велејќи: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте!‘
33 Зашто, дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ‚Бес има.‘
34 Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ‚Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!‘
35 И се оправда Премудроста од сите свои чеда.«
36 Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него; и Он, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза.
37 И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека Он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро;
38 па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.
39 А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: »Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.«
40 Му одговори Исус и рече: »Симоне, имам нешто да ти кажам.« А тој одврати: »Учителе, кажи!«
41 Исус му рече: »Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини динарии, а другиот педесет.
42 Но, бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?«
43 Симон одговори и му рече: »Мислам оној, кому повеќе му прости.« А Он му рече: »Право пресуди.«
44 И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: »Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри.
45 Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои.
46 Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои.
47 Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштава, и љубов мала има!«
48 Нејзе, пак, ѝ рече: »Ти се простуваат гревовите!«
49 А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: »Кој е Овој што и гревови проштава?«
50 На жената, пак, ѝ рече: »Верата твоја те спаси; оди си со мир!«