Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Luke 10

:
Macedonian - 1990
1 Потоа Господ избра и други седумдесет ученици и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди,
2 и им рече: »Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја.
3 Одете! Ете, Јас ве праќам како јаганца меѓу волци.
4 Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте!
5 И во која куќа влезете, прво кажете: ‚Мир на таа куќа!‘
6 Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на него; ако ли не, тој ќе се врати во вас;
7 и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преоѓајте од куќа в куќа.
8 И во кој град влезете, и ве примат, јадете што ќе ви принесат пред вас;
9 лекувајте ги болните што се во него и говорете им: ‚Се приближи до вас царството Божјо.‘
10 А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по раскрсниците негови и кажете:
11 ‚И правот од вашиот град, што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го ова, дека се приближи до вас царството Божјо.‘
12 Ви велам, дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град.
13 Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Оти, ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудесата што станаа кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале.
14 Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на судот, отколку вам.
15 И ти, Капернауме, што си се издигнал до небото, до пеколот ќе паднеш.
16 Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.«
17 Се вратија, пак, седумдесетте со радост и велеа: »Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат.«
18 А Он им рече: »Го видов сатаната дека падна од небото како молња!
19 Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила; и ништо нема да ве повреди;
20 но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што се имињата ваши напишани на небесата.«
21 Во тој час се возрадува Исус во духот и рече: »Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, оти таква беше волјата Твоја.«
22 Па, откако се сврте кон учениците, им рече: »Сѐ Ми е предадено од Мојот Отец; и кој е Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и кому што сака Синот да му открие.«
23 И кога се обрна кон учениците, им рече тивко: »Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие.
24 Зашто ви велам, многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат, што слушате вие, и не чуја.«
25 И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: »Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?«
26 А Он му рече: »Што е напишано во Законот? Како читаш?«
27 Тој одговори и рече: »Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!«
28 Му кажа пак: »Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив.«
29 Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: »А кој е мојот ближен?«
30 Исус му одговори и рече: »Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов.
31 Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога го виде, си замина.
32 Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде.
33 Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.
34 И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.
35 А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘
36 Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?«
37 А тој одговори: »Оној што му направи милост.« Исус му рече: »Оди и ти прави така!«
38 И кога одеа, влезе Он во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом.
39 А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово.
40 Марта се беше, пак, зафатила со многу работи и, кога застана, рече: »Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне!«
41 А Исус ѝ одговори и рече: »Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи.
42 Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе.«