Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Luke 11

:
Macedonian - 1990
1 Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: »Господи, научи нѐ да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.«
2 А Он им рече: »Кога се молите, говорете: ‚Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата:
3 лебот наш насушен дај ни го денес;
4 и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не нѐ воведуј во искушение, но избави нѐ од лукавиот!‘«
5 И им рече: »Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ‚Пријателе, дај ми на заем три леба;
6 оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам;‘
7 а оној однатре да му одговори и рече: ‚Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.‘
8 Но ви велам, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба.
9 И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.
10 Зашто секој што сака добива, и кој бара наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори.
11 И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија место риба?
12 Или, ако побара јајце, да му даде скорпија?
13 И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат?«
14 Еднаш истера Он еден бес, кој беше нем, и кога нечистиот дух излезе, немиот проговори; и народот се чудеше,
15 А некои од нив рекоа: »Он ги изгонува бесовите преку Велзевула, кнезот на бесовите.«
16 А други, искушувајќи Го, Му бараа знак од небото.
17 Но Он, знаејќи ги нивните помисли, им рече: »Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом на групи, една против друга, пропаѓа;
18 и, ако и сатаната се разделил сам против себе, како ќе се одржи царството негово? Оти велите дека Јас преку Велзевула ги истерувам бесовите.
19 И, ако Јас, пак, преку Велзевула ги истерувам бесовите, тогаш синовите ваши преку кого ги истеруваат? Затоа, тие ќе ви бидат судии.
20 Ако Јас, пак, со прст Божји ги изгонувам бесовите, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо.
21 Кога силен човек се вооружи и го припази домот свој, тогаш имотот негов е во безопасност.
22 Но, ако некој посилен од него го нападне и победи, тој ќе му го земе сето оружје, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде.
23 Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура.
24 Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокој; и не наоѓајќи вели: ‚Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.‘
25 Па, штом дојде, го наоѓа изметен и уреден.
26 Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата.«
27 А кога го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: »Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!«
28 А Он рече: »Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат.«
29 А на народот, што се собираше, почна да му зборува: »Лукав е овој род; бара знаци, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона;
30 зашто, како што Јона беше знак за Ниневијците, така и Синот Човечки ќе биде за својот род.
31 Јужната царица ќе излезе на суд со луѓето од овој род и ќе го осуди, оти таа дојде од крај земја да ја чуе мудроста на Соломона; а ете, тука е поголем од Соломона.
32 И Ниневијците ќе излезат на суд со луѓето од овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете тука е поголем од Јона.
33 Никој, пак, не клава запалено светило на сокриено место, ниту под поклоп, туку на свеќник, за да ја видат светлината оние што влегуваат.
34 Светило за телото е окото; ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло; а ако биде лукаво, и твоето тело ќе биде темно;
35 затоа гледај светлината, што е во тебе, да не биде темнина.
36 Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш тоа ќе биде така светло, како кога светило те осветлува со светлина.«
37 И кога зборуваше Он, еден фарисеј Го помоли да руча кај него. Он отиде и седна на трпеза.
38 И фарисејот се зачуди, кога виде, дека Он не си ги изми рацете пред јадење.
39 Но Господ му рече: »Ете, вие фарисеите ја миете чашата и чинијата однадвор, а пак внатрешноста ви е полна со грабеж и лукавство.
40 Безумни, не е ли ист Оној што ја создаде и надворешноста и внатрешноста?
41 Но, давајте милостина според своите сили, тогаш сѐ во вас ќе биде чисто.
42 Но тешко вам, фарисеи, оти давате десеток од нане и рута, и од секаков зеленчук, а преминувате преку судот и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го оставате.
43 Тешко вам, фарисеи! Оти сакате да сте на првите места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите!
44 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти сте како сокриени гробови, преку кои луѓето одат и не ги знаат.«
45 Одговори некој од закониците и Му рече: »Учителе, кога го говориш тоа, Ти и нас нѐ навредуваш.«
46 Но Он рече: »Тешко и на вас закониците, што ги натоварувате луѓето со тешки бремиња за носење, а вие сами ни со еден прст не се допирате до тие бремиња.
47 Тешко вам, оти им ѕидате гробници на пророците, што ги убија вашите татковци;
48 со тоа сведочите за делата на своите татковци и ги одобрувате, бидејќи тие ги убија пророците, а вие им ѕидате гробници.
49 Затоа и Божјата премудрост рече: ‚Ќе им пратам пророци и апостоли, и од нив едните ќе ги убијат, а другите ќе ги прогонат‘;
50 за да се побара од овој род крвта на сите пророци, пролеана од постанокот на светот;
51 од крвта на Авела па сѐ до крвта на Захарија, кој е убиен меѓу жртвеникот и храмот. Да, ви велам, ќе се побара од овој род.
52 Тешко вам, законици, оти го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакаат да влезат им попречивте.«
53 А кога го зборуваше тоа, книжниците и фарисеите почнаа силно да се гневат на Него и да Го прашуваат за многу работи;
54 Го напаѓаа, сакајќи да уловат нешто од Неговата уста, за да Го обвинат.