Luke 12
1 Меѓутоа, кога се насобраа илјадници народ – така што се газеа еден со друг, Он почна да им зборува најнапред на Своите ученици: »Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие.
2 Нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае;
3 па затоа, што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите.
4 А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат;
5 но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него бојте се!
6 Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога.
7 А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи.
8 И ви велам: секој што Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели;
9 а кој се одрече од Мене пред луѓето, и тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10 На секој, што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој похули на Светиот Дух, нема да му се прости.
11 А кога ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;
12 зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете.«
13 Некој од народот Му рече: »Учителе, кажи му на мојот брат да го раздели со мене наследството!«
14 А Он му рече: »Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?«
15 Потоа им кажа: »Гледајте и пазете се од лакомство, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.«
16 И им кажа парабола и им рече: »На некој богат човек нивата му беше родила многу;
17 и мислеше во себе, велејќи: ‚Што да правам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘
18 Па рече – вака ќе направам: ‚ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,
19 и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!‘
20 Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане?‘
21 Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога.«
22 И им рече на учениците Свои: »Затоа ви велам: не грижете се за душата своја, што ќе јадете, ниту за телото свое, што ќе облечете.
23 Зашто, душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеклото.
24 Погледајте ги гавраните како ни сеат, ни жнеат; тие немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?
25 Па и кој од вас, грижејќи се, може да му додаде еден лакот на својот раст?
26 И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго?
27 Погледајте ги лилјаните како растат: ни се трудат, ниту предат; но ви велам, дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.
28 Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе вас, маловерни!
29 Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!
30 Сето тоа го бараат и незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.
31 Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви се придаде!
32 Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.
33 Продајте ги имотите ваши и давајте милостина! Згответе си ќесиња, што нема да изветват, сокровиште на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде;
34 зашто, каде што е сокровиштето ваше, таму ќе биде и срцето ваше.
35 Нека ви биде крстот стегнат и светилата – запалени!
36 Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука.
37 Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се опаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.
38 А ако дојде и на втора стража, и на трета дојде ли, и ги затече така, блазе на тие слуги!
39 Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата.
40 И вие, значи, бидете готови: зашто, во кој час не мислите, ќе дојде Синот Човечки!«
41 А Петар Му рече: »Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?«
42 Тогаш Господ рече: »Кој е тој верен и мудар слуга, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им дава потребна храна на време?
43 Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, го затече така да постапува!
44 Вистина ви велам, дека тој ќе го постави него над целиот свој имот.
45 Ако, пак, тој слуга рече во срцето свое: ‚Нема скоро да дојде мојот господар!‘ па почне да ги бие слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива,
46 господарот на тој слуга ќе дојде во ден, во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го оддели и ќе го постави меѓу неверните.
47 А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен.
48 Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен. Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.
49 Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.
50 Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно дури не се сврши тоа.
51 Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздвојување;
52 оти отсега, петина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца;
53 ќе биде татко против сина си и син против татка си; мајка против ќерка си и ќерка против мајка си; свекрва против снаата своја и снаата против свекрвата своја.«
54 А на народот му рече: »Кога видите дека се крева облак од запад, тогаш велите: ‚Ќе врне дожд!‘ Така и бива.
55 А кога дува јужниот ветар, велите: ‚Ќе биде горештина!‘ Па така и бива.
56 Лицемери, лицето на небото и земјата умеете да го распознавате, а ова време како не го познавате?
57 Зошто и сами од себе не судите што е праведно?
58 Кога одиш со својот противник пред власта, гледај уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и слугата да те фрли во затвор.
59 Ти велам, оттаму нема да излезеш, дури не ја дадеш и последната лепта.«