Luke 13
1 Во тоа време дојдоа некои и Му кажаа за Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви.
2 Исус им одговори и рече: »Мислите ли дека тие Галилејци беа најгрешни од сите Галилејци, та така пострадаа?
3 Не, ви велам: ако не се покаете, сите така ќе изгинете.
4 Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа најгрешни од сите жители на Ерусалим?
5 Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.«
6 И ја кажа оваа парабола: »Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, и не најде.
7 Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?‘
8 А тој му одговори и рече: ‚Господаре, остави ја и оваа година, дури да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре;
9 па, ако роди, добро; ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш‘.«
10 Во една од синагогите поучуваше Он во сабота.
11 И ете, дојде една жена која беше опседната од дух на немоќта осумнаесет години; таа беше згрбавена и никако не можеше да се исправи;
12 штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: »Жено, се ослободуваш од болеста своја.«
13 И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.
14 А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: »Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден!«
15 Но Господ му одговори и рече: »Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?
16 А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден?«
17 И кога го зборуваше ова, сите што беа против Него се засрамија; а целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него.
18 А Он рече: »На што прилега царството Божјо и со што да го споредам?
19 Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески си прават гнезда на неговите гранки.«
20 И пак рече: »Со што да го споредам царството Божјо?
21 Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.«
22 И минеше низ градови и села и поучуваше, патувајќи кон Ерусалим.
23 Некој, пак, Му рече: »Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?« А Он рече:
24 »Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат.
25 Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Он ќе ви одговори и рече: ‚Не ве знам од каде сте.‘
26 Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘
27 А Он ќе рече: ‚Ви велам, не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘
28 Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраама, Исака и Јакова, и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.
29 И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо.
30 И ете, има последни, што ќе бидат први, а има и први, што ќе бидат последни.«
31 Во тој ден пристапија некои од фарисеите и Му рекоа: »Излези и оди си одовде, оти Ирод сака да Те убие!«
32 И им рече: »Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам бесови, и лекувам денес и утре – и на третиот ден ќе свршам;
33 но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не бива пророк да загине надвор од Ерусалим.
34 Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш пратените при тебе, колкупати сакав да ги соберам чедата свои, како квачка пилињата свои под крилја, но не сакавте.
35 И ете, домот ваш ќе ви се остави пуст. И Јас ви велам, дека нема да Ме видите сѐ дури не дојде времето да кажете: ‚Благословен е Оној што иде во името Господово!‘«