Luke 24
1 Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а заедно со нив беа и некои други;
2 но плочата на гробот ја најдоа превртена.
3 И како влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса.
4 И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки;
5 тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: »Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?
6 Он не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, кога беше уште во Галилеја,
7 говорејќи, дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.«
8 И се сетија на Неговите зборови.
9 Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други.
10 А тие беа Марија Магдалина, и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, што им го кажаа тоа на апостолите.
11 И нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа.
12 Но Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, го виде внатре само покровот и се врати, чудејќи се сам во себе за она што станало.
13 Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии;
14 и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани.
15 И кога разговараа и се запрашуваа еден со друг, Сам Исус се приближи и одеше со нив;
16 но очите им се замрежија за да не Го познаат.
17 А Он им рече: »Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?«
18 Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: »Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал, што стана во него овие дни?«
19 И ги праша: »Што?« Тие Му одговорија: »Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ;
20 дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа;
21 а ние се надевавме оти е Он Оној што треба да го избави Израилот; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако стана ова.
22 А и некои жени од нашите нѐ исплашија; тие биле рано на гробот,
23 и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале оти е Он жив.
24 Отидоа на гробот и некои од нашите и најдоа исто така, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.«
25 Тогаш им рече: »О, безумни и тврди по срце, да верувате во сѐ што рекле пророците!
26 Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?«
27 Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо.
28 И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи.
29 Но тие Го задржаа, велејќи: »Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!« Он влезе и остана со нив.
30 А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде;
31 тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив.
32 И си рекоа еден на друг: »Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?«
33 Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив,
34 каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона.
35 И тие кажаа за она, што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.
36 Додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана среде нив и им рече: »Мир вам!«
37 А тие, така збунети и уплашени, помислија оти гледаат дух.
38 Но Он им рече: »Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши?
39 Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.«
40 А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.
41 Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Он им рече: »Имате ли овде нешто за јадење?«
42 Тие Му дадоа парче риба печена и мед со саќе.
43 И кога зеде, јадеше пред нив.
44 Па им рече: »Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, оти треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.«
45 Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата,
46 и им рече: »Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден,
47 и да биде проповедано во Неговото име и покајание и проштавање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим;
48 а вие сте сведоци за ова.
49 И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора.«
50 И ги изведе надвор во Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови.
51 И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото;
52 тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.
53 И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога. Амин!