Joshua 2
1 Исус, синот Навинов, испрати тајно од Ситим двајца млади луѓе и им рече: »Отидете, разгледајте ја замјата и градот Јерихон!« И двете момчиња отидоа и влегоа во Јерихон во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму.
2 Тогаш му јавија на Јерихонскиот цар: »Ете, некои луѓе од синовите Израилеви дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата.«
3 Јерихонскиот цар испрати да ѝ кажат на Раав: »Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле да ја разгледаат целата земја.«
4 Не жената ги зеде оние двајца луѓе, ги сокри и рече: »Дојдоа, навистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие;
5 кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; трнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.«
6 А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, распростран кај неа на таванот нејзин.
7 Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан до самиот брод, а портите се затворија веднаш кога тргна потера по нив.
8 Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот
9 и им рече: »Знам, дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас;
10 зашто чувме, дека Господ Бог ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сион и Ог, кои сте ги погубиле.
11 Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во никого од нас не остана дух против вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу;
12 И така, заколнете ми се во Господа, вашиот Бог, дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак:
13 оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.«
14 Тие луѓе ѝ рекоа: »Душата наша ќе ја предадеме на смрт, само сега да не нѐ предадеш.« А таа рече: »Кога Господ ви го предаде овој град, бидете спрема мене милостиви и верни.«
15 И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше на карпа и таа живееше на карпата;
16 и им рече: »Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.«
17 А луѓето ѝ рекоа: »Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака:
18 ете, кога ќе дојдеме во овој градски крај, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе таткото твој, мајката твоја и браќата твои и целиот татков дом;
19 и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив;
20 ако, пак, некој нѐ навреди или ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.«
21 Таа одговори: »Нека биде според зборовите ваши!« И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже.
22 Тие тргнаа и отидоа во планината и останаа таму три дена, додека се врати потерата. Гонителите ги бараа по целиот пат и не ги најдоа.
23 И се вратија обајцата млади луѓе, слегоа од планината, го минаа Јордан и отидоа кај Исуса, синот Навинов и му кажаа сѐ што им беше станало.
24 И му рекоа на Исуса: »Господ, нашиот Бог, ја предаде целата таа земја во наши раце, и сите жители на таа земја се уплашени од нас.«