Joshua 3
1 Тогаш Исус стана рано утредента, и тргна од Ситим и дојде до Јордан, тој и сите синови Изриалеви, и застанаа таму пред да го минат.
2 По три дена тргнаа управителите низ логорот,
3 и им заповедаа на луѓето, велејќи: »Кога ќе го видите ковчегот на заветот Господов, вашиот Бог, и свештениците наши, левитите, да го носат, тргнете и вие од местото ваше и одете по нив.
4 Но растојанието меѓу вас и нив да биде околу две илјади лакти; не се доближувајте до него, за да го знаете патот, по кој ќе одите; зашто вие не сте оделе по тој пат ни вчера ни завчера.«
5 И му рече Исус на народот: »Исчистете се утре рано, бидејќи Господ ќе изврши меѓу вас чудеса.«
6 На свештениците, пак, им рече Исус: »Земете го Ковчегот на заветот и одете пред народот.« Свештениците го зедоа Ковчегот на заветот и тргнаа пред народот.
7 Тогаш Господ му кажа на Исуса: »Денес ќе почнам да те издигам пред очите на сите синови Израилеви, за да дознаат дека, како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе.
8 А сега заповедај им на свештениците, кои го носат ковчегот на заветот, и кажи им: штом ќе влезете во водите на Јордан, запрете во Јордан.«
9 Исус им кажа на синовите Израилеви: »Дојдете ваму и чујте ги зборовите на Господа, вашиот Бог!«
10 Уште им рече Исус: »Од тоа ќе дознаете дека меѓу вас е живиот Бог, Кој ќе ги изгони од вас Хананејците и Хетејците, Евејците и Ферезејците, Гергесејците, Аморејците и Јевусејците;
11 ете, ковчегот на заветот Господов на целата земја ќе тргне пред вас преку Јордан;
12 и земете си дванаесетмина луѓе од синовите Израилеви, по еден човек од секое племе;
13 и штом нозете на свештениците, кои го носат ковчегот на Господа над целата земја, ќе стапнат во водите на Јордан, водата јорданска ќе се прекине, а водата што тече одозгора, ќе запре.«
14 И така, кога народот тргна од шаторите свои, за да го мине Јордан, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов пред народот,
15 тогаш, штом оние, што го несеа ковчегот на заветот Господов влегоа во Јордан, и нозете на свештениците, кои го носеа ковчегот, се наквасија во водите на Јордан; а Јордан пак, се излива од сите свои брегови за сето време во жетвата на пченицата.
16 Водата, што течеше одозгора, запре и стана како карпа на многу големо растојание, од градот Адам, дури до пределот Зартан; а водата што течеше одозгора, почна да тече во морето, кое е солено море, сѐ додека не истече.
17 А народот стоеше спроти Јерихон; кога пак свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, застанаа на суво среде Јордан, тогаш и сите синови Израилеви преминуваа на суво, додека целиот народ не го премина Јордан.