John 4
1 Кога разбра Исус дека фарисеите чуле, оти Он придобива повеќе ученици отколку Јован, и крштава,
2 макар што Сам Исус не крштаваше, а учениците Негови,
3 ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја.
4 Требаше да мине преку Самарија.
5 И така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа.
6 Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час.
7 Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: »Дај Ми да пијам!«
8 А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.
9 Жената Самарјанка Му рече: »Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?« – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат.
10 Исус ѝ одговори и рече: »Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива.«
11 Жената Му рече: »Господи, Ти нема со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива?
12 Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец! И сам тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!«
13 Исус ѝ одговори и рече: »Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни;
14 а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен.«
15 Жената Му рече: »Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!«
16 Исус ѝ рече: »Оди, повикај го мажа си и дојди тука!«
17 Жената одговори и Му рече: »Немам маж.« Исус ѝ рече: »Право кажа дека немаш маж;
18 зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.«
19 Жената Му одговори: »Господи, гледам дека си Ти пророк.
20 Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме.«
21 Исус ѝ рече: »Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот.
22 Вие му се клањате на она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците.
23 Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат.
24 Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.«
25 Жената Му рече: »Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сѐ ќе ни каже.«
26 А Исус ѝ рече: »Јас сум, Кој зборувам со тебе.«
27 И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; но ниеден не Му рече: »Што сакаш?« или »Што зборуваш со неа?«
28 А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето:
29 Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Он Христос?
30 Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
31 Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: »Рави, јади!«
32 Но Он им рече: »Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.«
33 Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: »Освен ако Му донел некој да јаде?«
34 А Исус им рече: »Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело.
35 Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва.
36 И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.
37 Зашто во ова вистинска е поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее.‘
38 Јас ве пратив да жнеете, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.«
39 И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: »Ми кажа сѐ што сум направила.«
40 Кога дојдоа, пак, Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив. И Он остана таму два дена.
41 И уште повеќе поверуваа поради словото Негово;
42 а на жената ѝ велеа: »Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос.«
43 А по два дена, Он излезе оттаму и отиде во Галилеја.
44 Зашто Сам Исус беше посведочил, дека пророкот во своето родно место нема чест.
45 Кога дојде, пак, во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сѐ што изврши во Ерусалим на празникот; оти и тие беа на празникот.
46 И така, Исус пак дојде во Кана Галилејска, каде што беше претворил вода во вино.
47 Имаше еден царски човек, чиј син беше болен во Капернаум. Штом чу дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, тој отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го излекува синот, зашто беше на умирање.
48 А Исус му рече: »Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.«
49 Царскиот човек Му рече: »Господи, дојди додека уште не умрело детето мое!«
50 А Исус му одговори: »Оди си! Твојот син е жив!« И човекот поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина.
51 И веднаш, кога слегуваше, го сретнаа слугите негови и му јавија: »Синот твој е жив!«
52 А тој ги праша за часот кога му станало полесно. Тие му одговорија: »Вчера во седмиот час го остави огнот.«
53 Тогаш таткото разбра дека тоа станало во истиот час, кога Исус му рече: »Твојот син е жив!« И поверува тој и целиот негов дом.
54 Ова, пак второ чудо го изврши Исус, кога пристигна од Јудеја во Галилеја.