John 5
1 Потоа беше празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим.
2 А во Ерусалим, при Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови.
3 Во нив лежеа мнозина болни, слепи, хроми, суви, кои очекуваа да се раздвижи водата,
4 зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше.
5 Имаше таму и еден човек, кој боледувал триесет и осум години.
6 Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му рече: »Сакаш ли да оздравиш?«
7 Болниот Му одговори: »Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.«
8 Исус му рече: »Стани, земи ја постелката своја и оди си!«
9 И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота.
10 Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: »Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!«
11 Но тој им одговори: »Оној, што ме излекува, ми рече: ‚Земи ја постелката своја и оди!‘«
12 А тие го прашаа: »Кој е човекот што ти рече: ‚Земи ја постелката своја и оди?‘«
13 Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше отстранил, оти на тоа место имаше многу народ.
14 А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: »Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!«
15 А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној, што го излекувал.
16 И затоа Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да Го убијат, оти тоа го вршеше во сабота.
17 А Исус им одговараше: »Мојот Отец досега работи, и Јас работам.«
18 Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, оти не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го наречуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога.
19 А Исус им одговори на тоа и рече: »Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот.
20 Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што прави Сам; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.
21 Оти, како што Отецот воскреснува од мртви и оживува, така и Синот ги оживувава оние, кои што сака.
22 Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот;
23 та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој што Го пратил.
24 Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот.
25 Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и, штом го чујат, ќе оживеат.
26 Оти, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе;
27 и Му даде власт да осудува, оти е Син Човечки.
28 Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји,
29 и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.
30 Но Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, оти не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил.
31 Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинско.
32 Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинско тоа сведоштво, со кое Он сведочи за Мене.
33 Вие пративте при Јована и тој ви посведочи за вистината.
34 Само Јас не го примам сведоштвото од човек; туку го кажувам ова, за да се спасите вие.
35 Тој беше светило, што гори и свети, а вие малку време сакавте да се порадувате на неговата светлина.
36 Но Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото; оти делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот.
37 И Отецот, Кој Ме прати, Сам посведочи за Мене. А вие ни гласот Негов никогаш не сте го чуле, ниту лицето Негово сте го виделе.
38 И зборовите Негови не се во вас, зашто не верувате во Оној, Кого Го пратил Он.
39 Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене.
40 Но не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот.
41 Од луѓе слава не примам,
42 но ве разбрав, дека во себе љубов Божја немате.
43 Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите.
44 Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате?
45 Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Отецот; има кој да говори против вас – Мојсеј, на кого вие се надевате.
46 Оти, ако бевте му верувале на Мојсеја, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене.
47 Ако, пак, на неговите напишани работи не поверувавте, како тогаш ќе им поверувате на Моите зборови?«