John 2
1 На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и мајката на Исуса беше таму.
2 Поканет беше исто така на свадбата и Исус, и учениците Негови.
3 А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: »Немаат вино.«
4 Исус ѝ рече: »Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.«
5 Но мајка Му Негова им рече на слугите: »Сѐ што ќе ви рече, направете!«
6 А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според јудејскиот обичај, што собираа по две до три мери.
7 А Исус им рече: »Наполнете ги садовите со вода!« И тие ги наполнија догоре.
8 Па им кажа: »Нацрпете сега и однесете му на старосватот!« И му однесоа.
9 И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не знаеше од каде е, но слугите, што ја беа донеле водата, знаеја, и го повика младоженецот,
10 и му рече: »Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а, кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го зачувал доброто вино за сега.«
11 Така направи Исус почеток на Своите чудеса во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.
12 Потоа слезе во Капернаум, Он и мајка Му, и браќата Негови, и учениците Негови; и таму останаа неколку дена.
13 Се приближуваше Пасха јудејска, и Исус се искачи во Ерусалим;
14 и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат.
15 И кога направи бич од врвци, ги истера од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврти масите;
16 па им рече на оние што продаваа гулаби: »Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување!«
17 Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: »Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.«
18 А Јудејците одговорија и Му рекоа: »Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?«
19 И им одговори Исус и рече: »Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам.«
20 А Јудејците рекоа: »Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?«
21 Но Он говореше за храмот на Своето тело.
22 А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус.
23 И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудесата Негови, што ги вршеше, поверуваа во Неговото име.
24 Но Сам Исус не им се доверуваше, оти ги познаваше сите,
25 и немаше потреба никој да Му сведочи за човекот, бидејќи Сам знаеше, што има во човекот.