Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

John 14

:
Macedonian - 1990
1 Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте.
2 Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место.
3 И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.
4 А каде одам Јас знаете, и патот го знаете.
5 Тома Му рече: »Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?«
6 Исус му рече: »Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене.
7 Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе.«
8 Филип Му рече: »Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!«
9 Му одговори Исус: »Толку време сум со вас, и не си ли Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, и како ти велиш: ‚Покажи ни Го Отецот?‘
10 Не верувате ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; а Отецот, Кој е секогаш во Мене, Он ги врши делата.
11 Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не тогаш верувајте во Мене заради делата.
12 Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; оти Јас си одам при Својот Отец;
13 и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот.
14 Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.
15 Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди.
16 Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека,
17 Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.
18 Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас.
19 Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете.
20 Во оној ден вие ќе разберете, дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас.
21 Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.«
22 Му рече Јуда, не Искариот: »Господи, што е тоа дека сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?«
23 Исус одговори и му рече: »Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме.
24 Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото, што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме прати.
25 Ова ви го реков, бидејќи сум со вас.
26 А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал.
27 Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои.
28 Чувте дека Јас ви реков: ‚Одам од вас и пак ќе дојдам при вас.‘ Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам при Мојот Отец; зашто Мојот Отец е поголем од Мене.
29 И сега ви кажав, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате.
30 Нема веќе многу да зборувам со вас, оти иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо.
31 Но за да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така и правам. Станете да си одиме одовде!«