Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

John 13

:
Macedonian - 1990
1 А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака.
2 И на вечерата, кога ѓаволот беше вдахнал во срцето на Јуда Симонов Искариот за да Го предаде,
3 Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека при Бога оди,
4 стана од вечерата, ја соблече својата горна облека и кога зеде крпа, се препаша;
5 потоа истури вода во сад за миење и почна да ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која што беше препашан.
6 Дојде и при Симона Петра, а тој Му рече: »Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?«
7 Исус одговори и му рече: »Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.«
8 Петар Му рече: »Никогаш Ти нема да ми ги измиеш нозете мои!« Исус му одговори: »Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене.«
9 Симон Петар Му рече: »Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата.«
10 Исус му одговори: »На измиениот треба само нозете да му се измијат, оти е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.«
11 Бидејќи Он знаеше кој ќе Го предаде, па затоа и рече: »Не сите сте чисти.«
12 А кога им ги изми нозете, ја облече облеката и седна пак на трпезата, па им рече: »Знаете ли, што ви направив?
13 Вие Ме наречувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи Јас сум таков.
14 Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете.
15 Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.
16 Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил.
17 Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате.
18 Не за сите ви го кажувам ова, оти Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене!‘
19 Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас.
20 Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној, што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој што Ме пратил.«
21 Штом го рече ова, Исус се возмути во душата, посведочи и рече: »Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.«
22 Тогаш учениците почнаа да се погледнуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува.
23 А еден од учениците, кого го милуваше Исус, беше се навалил на градите Исусови.
24 Нему му даде знак Симон Петар да праша, кој ли ќе е, за кого што говори.
25 Тој, пак, како се навали на градите Исусови, Му рече: »Кој е Господи?«
26 Одговори Исус: »Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам.« И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот.
27 И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: »Што ќе правиш, прави побргу!«
28 А никој од оние, што седеа на трпезата, не разбраа, зошто му го рече тоа.
29 Но, бидејќи Јуда го чуваше ковчежето, некои помислија дека Исус му рече: »Купи што ни треба за празникот!« или да раздаде нешто на сиромасите.
30 А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе; беше ноќ.
31 Кога тој излезе, Исус рече: »Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него.
32 Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави.
33 Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Јудејците, дека каде што одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви велам сега.
34 Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.
35 По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.«
36 Симон Петар Му рече: »Господи, каде одиш?« Исус му одговори: »Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дојдеш по Мене, но подоцна ќе врвиш по Мене.«
37 Петар Му рече: »Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Душата своја ќе ја положам за Тебе.«
38 Исус му одговори: »Душата ли ќе ја положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене.«