Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

John 12

:
Macedonian - 1990
1 На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите.
2 Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата.
3 А Марија, како зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови; и куќата се исполни со мирис од мирото.
4 Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде, рече:
5 Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси?
6 Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него.
7 А Исус рече: »Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение;
8 оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.«
9 Мнозина од Јудејците разбраа дека е Исус таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого Он го воскресна од мртвите.
10 А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара,
11 зашто мнозина од Јудејците се одделуваа поради него и веруваа во Исуса.
12 На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја деда Исус доаѓа во Ерусалим,
13 зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и викаа, велејќи: »Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!«
14 А Исус, кога најде едно осле, седна на него, како што е напишано:
15 »Не бој се, ќерко Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на осле.«
16 Но ова учениците Негови не го разбраа. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му го направија.
17 Народот, што беше со Него кога го извика Он Лазара од гробот и го воскресна од мртвите, сведочеше.
18 Затоа и Го пречека народот, оти беше чул дека тоа чудо Он го направи.
19 А фарисеите се велеа помеѓу себе: »Гледате ли, дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него.«
20 Меѓу дојдените за празникот, на поклонение, имаше и некои Елини.
21 Тие пристапија кон Филипа, кој што беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: »Господине, сакаме да Го видиме Исуса.«
22 Дојде Филип и му рече на Андреја; а Андреј и Филип Му кажаа на Исуса.
23 Исус, пак, им одговори велејќи: »Дојде часот да се прослави Синот Човечки.
24 Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре ќе донесе голем плод.
25 Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен.
26 Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.
27 Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час.
28 Оче, прослави го името Свое!« Тогаш дојде глас од небото: »И Го прославив, и пак ќе Го прославам.«
29 А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: »Загрми«, други, пак, рекоа: »Ангел Му прозбори.«
30 Исус одговори и рече: »Не заради Мене беше овој глас, но заради вас.
31 Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор.
32 И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.«
33 А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.
34 Народот Му одговори: »Сме слушале од Законот, дека Христос вечно ќе постои, а како Ти велиш оти Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?«
35 Тогаш Исус им рече: »Уште малку време Светлината е со вас; одете дури има светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди.
36 Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!« Штом го рече тоа, Исус се отстрани и се сокри од нив.
37 Иако толку чудеса беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него,
38 за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: »Господи, кој поверува во она, што чул од нас? И раката Господова кому се откри?«
39 Тие затоа не можеа да поверуваат, оти Исаија уште вели:
40 »Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обрнат, за да ги излекувам.«
41 Ова го рекол Исаија, кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.
42 Но од началниците мнозина поверуваа; само заради фарисеите не признаваа, за да не бидат исфрлени од синагогата;
43 зашто им беше помила човечката слава, отколку славата Божја.
44 А Исус подигна глас и рече: »Кој верува во Мене, не во Мене верува, а во Оној, Кој што Ме пратил,
45 и кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, што Ме пратил.
46 Јас како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.
47 И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, оти не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам.
48 Кој што се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.
49 Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.
50 И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.«