John 11
1 Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта.
2 А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса.
3 Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: »Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.«
4 Штом чу Исус, рече: »Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.«
5 А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара.
6 А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше.
7 Потоа им рече на учениците: »Да отидеме пак во Јудеја!«
8 Учениците Му рекоа: »Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?«
9 Исус одговори: »Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на овој свет;
10 а кој оди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.«
11 Ова им го кажа, а потоа им рече: »Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.«
12 Тогаш учениците Негови рекоа: »Господи, ако заспал, ќе стане.«
13 Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон.
14 Тогаш рече Исус отворено: »Лазар умре.
15 Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме при него.«
16 Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: »Да отидеме и ние да умреме со него.«
17 Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб.
18 А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;
19 и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им.
20 Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома.
21 Тогаш Марта Му рече на Исуса: »Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми.
22 Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.«
23 Исус ѝ рече: »Твојот брат ќе воскресне.«
24 Марта Му рече: »Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.«
25 А Исус ѝ рече: »Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.
26 И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?«
27 Таа Му одговори: »Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.«
28 Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: »Учителот е овде и те вика.«
29 Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него;
30 оти Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта.
31 Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи оти ќе оди на гробот да плаче.
32 А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: »Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.«
33 Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути,
34 па рече: »Каде сте го положиле?« Му рекоа: »Господи, дојди и види!«
35 Исус просолзи.
36 Тогаш Јудејците рекоа: »Гледај, колку го милувал.«
37 Некои од нив, пак, велеа: »Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?«
38 А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.
39 И рече Исус: »Кренете го каменот!« Марта, сестрата на умрениот, Му рече: »Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.«
40 Исус ѝ рече: »Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?«
41 Тогаш го дигнаа каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: »Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша.
42 А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.«
43 Кога го рече ова, извика со висок глас: »Лазаре, излези надвор!«
44 И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: »Одвиткајте го и оставете го да оди!«
45 Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.
46 А некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус.
47 Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: »Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса.
48 Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.«
49 А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: »Вие ништо не знаете,
50 ниту помислувате, дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.«
51 А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;
52 и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените чеда Божји.
53 Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат.
54 Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои.
55 А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасхата, за да се очистат.
56 Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: »Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?«
57 А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој узнае каде е, да јави, за да Го фатат.