Job 42
1 Му одговори Јов на Господа и рече:
2 »Знам, дека Ти сѐ можеш, и дека намерата Твоја не може да биде неизвршена.
3 Кој е тој, што го помрачува Провидението – со зборови што не ги разбира? Ете, јас го говорев она што не го разбирав, за чудни дела, што не можев да ги знам.
4 Послушај ме, викав јас, и ќе говорам, и што ќе Те прашам, објасни ми го.
5 Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат;
6 затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел.«
7 И потоа, откако Господ му ги изговори на Јова овие зборови, му рече на Елифаза од Темна: »Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов.
8 Затоа, земете си со себе седум телиња и седум овни, па одете кај Мојот слуга Јов и принесете си за себеси жртва; и Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас, зашто само неговото лице ќе го примам, за да не ве отфрлам, поради тоа што не говоревте за Мене вистина, како слугата Јов.«
9 И отидоа Елифаз од Темна, Вилдад од Сува и Софар од Нам, и направија како што им заповеда Господ, – а Господ го прими лицето Јовово.
10 Му ја врати Господ на Јова загубата, кога тој се помоли за пријателите свои; и му даде Господ на Јова двојно повеќе од она што го имаше пред тоа.
11 Тогаш дојдоа при него сите негови браќа и сите негови сестри и сите негови поранешни познати, па јадеа со него леб во куќата негова и му изјавија сочувство, утешувајќи го за сето зло, што Господ го беше допуштил врз него, и секој му даде по еден сребреник и по еден златен прстен.
12 И ги благослови Бог последните денови на Јова повеќе од напрешните: тој имаше четиринаесет илјади дробен добиток, шест илјади камили, илјада чифта волови и илјада ослици.
13 Имаше и седум синови и три ќерки.
14 Првата ја именува Емина, втората – Касија, а третата – Керенкапух.
15 По целата земја немаше такви убави жени, како Јововите ќерки; татко им и ним им даде наследство меѓу браќата нивни.
16 По ова, Јов живееше сто и четириесет години и доживеа да види синови и внуци до четвртото колено.
17 Умре Јов стар и сит од животот.