Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Jeremiah 48

:
Macedonian - 1990
1 За Моав вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: тешко на Невон, бидејќи ќе биде опустошен; Киријатим ќе се осрамоти, и ќе се предаде; Мизгав ќе се посрами и ќе се вџаши.
2 Ќе ја снема повеќе слава на Моав; во Есевон ќе преземаат зло против него: да отидеме за да го сотреме меѓу народите. И ти, Мадмено, ќе опустееш; меч ќе те гони.
3 Се слуша пискот од Оронаим, пустошење и сотирање големо!
4 Моав е сотрен; пискот кренаа децата негови.
5 На искачување кон Лухит се слуша непрестаен плач; слегувајќи од Оронаим, непријателот слуша ужасен викот поради пропаста.
6 Бегајте, спасувајте си ги животите свои и бидете како оголено дрво во пустиња.
7 Бидејќи ти се надеваше на делата свои и на ризниците свои, затоа ќе бидеш фатен, и Хамос ќе појде во ропство заедно со свештениците и со кнезовите свои.
8 И ќе дојде опустошител врз секој град, и нема ниеден град да се одржи; ќе загине долината и ќе запусти рамнината, како што вели Господ.
9 Подајте му крилја на Моав, за да може да полета; градовите негови ќе станат пустиња, оти ќе нема во нив кој да живее.
10 Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв!
11 Од младоста своја Моав беше спокоен, и се гордееше на својата слава, и не се преточуваше од сад во сад и во ропство не беше отишол; затоа во него си остануваше вкусот негов, и мирисот негов не се менуваше.
12 Но, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе пратам врз него преливачи, што ќе го преливаат и ќе ги испразнат садовите негови и ќе ги скршат стомните негови.
13 Па ќе биде посрамен Моав заради Хамоса, како што беше посрамен домот Израилев поради Ветил, надежта негова.
14 Зошто вие велите: ние сме луѓе храбри и силни сме во бој?
15 Моав е сотрен, и градовите негови горат, и одбраните младичи негови појдоа на клање, вели Царот Господ Саваот е името Негово.
16 Блиска е погибелта на Моав, и брза неговото зло.
17 Сожалете го сите негови соседи, и сите што го знаете името негово, речете: како се здроби моќниот жезал и славната патерица!
18 Слези од височината на величието твое и седни во жедната земја, ќерко, жителко на Дивон, бидејќи опустошителот на Моав ќе дојде при тебе и ќе ги разруши тврдините твои.
19 Застани на патот и погледај ти, која живееш во Ароир, прашај го оној, што бега, и онаа, што гледа да се избави: што станува?
20 Засрамен е Моав, зашто е сотрен; плачете и викајте, соопштете во Арнон дека Моав е опустошен.
21 И суд дојде врз рамнината, врз Хелсон, врз Јаса и врз Мофат,
22 врз Девон, врз Невон и врз Бет Девлатаим,
23 врз Киријат Јарим, врз Бет Гамул и врз Бет Маон,
24 врз Кариот, врз Восор и врз сите градови на земјата Моавска, далечни и блиски.
25 Одбиен е робот на Моав и мишката негова е скршена, вели Господ.
26 Опијте го, зашто тој се крена против Господ; нека се валка Моав во блуеницата своја, и сам ќе стане за потсмев.
27 Зар не стана при тебе Израил за потсмев? Зар не те најде фатен меѓу крадците, па ти, кога зборуваше за него, само ја мавташе главата?
28 Жители Моавски, оставете ги градовите и живејте по карпите и бидете како гулаби, кои вијат гнезда при влезот на пештера.
29 Чувме за гордоста на Моав, гордост прекумерна, за неговата самоувереност и неговата надуеност, за неговото фалење и за горделивото негово срце.
30 Ја знам Јас дрскоста негова, вели Господ, но тоа е безнадежно; лагите негови нема ништо да направат.
31 Затоа, ќе плачам за Моав и ќе пиштам за целиот Моав; ќе воздивнувам за оние во Кир Харес.
32 Ќе плачам за тебе, лозо севамска, како што плачев за Јазера; твоите лозинки се префрлуваат преку морето, стигаат до езерото Јазерско; сотирачот ги нападна твоите летни производи и зрелото грозје.
33 Радоста и веселбата се одзеде од Кармил и од земјата Моавска. Јас ќе направа виното во бурињата да заврши; никој веќе нема да гази во каците со песни; боен повик ќе име, а не радосен миг.
34 Од пискотот на Есевон до Елеала и до Јаца тие ќе креваат глас од Сихор до Оронаим, до третата Егла, бидејќи и водите на Нимрим ќе пресушат.
35 Ќе го сотрам Моав, вели Господ, оние што принесуваат жртви по незнабожечките светилишта и кои им кадат на боговите.
36 Затоа срцето Мое ќе пишти за Моав како свирка, за жителите во Кир Харес, срцето ќе им биде како свирка, бидејќи сите добра од нивните богатства пропаднаа;
37 на секого главата ќе му биде гола и на секого брадата истрижена, кај сите на рацете ќе има зарези, а околу бедрата вреќиште.
38 По сите покриви на Моав и по неговите улици ќе има само плач, бидејќи Јас го уништив Моав, како непотребен сад, вели Господ.
39 Како е сотрен тој, ќе речат, плачејќи; како Моав се покри со срам, кога го сврти тилот, и ќе биде Моав за потсмев и ужас, за сите, што го опкружуваат,
40 зашто вака вели Господ: ете, како орел ќе летне тој и ќе ги рашири крилјата над Моав.
41 Градовите ќе бидат победени и трврдините освоени, а срцето на храбрите Моавци ќе биде во оној ден како срце на жена, што се измачува при породување.
42 И ќе биде истребен Моав меѓу народите, бидејќи се крена против Господа.
43 Страв, јама и клопка околу тебе жителу моавски, вели Господ.
44 Кој ќе избега од ужасот, ќе падне во јама; а кој ќе излезе од јамата, ќе падне во стапица; бидејќи ќе ја испратам врз него, врз Моав годината на нивната казна, вели Господ.
45 Под сенката на Есевон застанаа оние што бегаа од сила; но оган излезе од Есевон, и пламен среде Сихон, па ќе го изгори крајот на Моав и темето на вознемирените синови.
46 Тешко тебе, Моаве! Пропадна народот од Хамос, бидејќи синовите твои ти ги одведоа во ропство, и ќерките твои во плен.
47 Но во последните дни ќе ги вратам моавските заробеници, вели Господ. Дотука е судот за Моав.