Jeremiah 49
1 За синовите Амонови вака вели Господ – зар Израилот нема синови, зар нема наследник, зошто Малхом ја наследи земјата на Гад и зошто народот негов се насели во неговите градови?
2 Затоа, еве идат дни, вели Господ, кога ќе се чуе боен повик во Рава од синовите Амонови, и таа ќе стане куп урнатини, и градовите нејзини изгорени и Израил ќе ги победи оние, кои го победија него, вели Господ.
3 Плачи, Есевоне, зашто е опустошен Гад; викајте, ќерки на Рава; опашете околу себе кострет, плачете и трчајте околу плотовите; бидејќи Малхом ќе отиде во ропство, свештениците негови и кнезовите негови заедно.
4 Зошто се фалиш со долините? Твојата долина пропадна, ќерко одметничка, која се надеваш на богатството свое, велејќи: »кој ќе излезе против мене?«
5 Еве, Јас ќе испратам врз тебе ужас од сите страни твои наоколу, вели Господ, Бог Саваот; разбегајте се кој каде може и никој нема да ги собере разбеганите.
6 Но потоа Јас ќе ги повратам заробените – синовите Амонови, вели Господ.
7 За Едома, вака вели Господ Саваот: зар нема веќе мудрост во Теман, зар исчезна благоразумието кај разумните, зар ја снема нивната мудрост?
8 Бегајте, свртете се со грбот, кријте се по пештерите, жители дедански, зашто Јас ќе ја испратам врз него погибелта Исавова, во време кога ќе го посетам.
9 Ако би ти дошле берачите на лозјата при тебе, сигурно би оставиле некој пабирок. И крадци да дојдат во текот на ноќта, тие би украле, онолку колку што им е потребно.
10 Јас, пак, Исава ќе го оголам, ќе ги откријам неговите скришни места и не ќе може да се сокрие. Ќе биде истребено племето негово, и браќата негови, и соседите негови; и ќе го снема.
11 Остави ги сираците свои, Јас ќе го запазам животот нивни, и вдовиците твои нека се надеваат на Мене.
12 Оти, така вели Господ: ете, и оние, на кои не им беше судено да ја пијат чашата, ќе ја пијат, па ти ли ќе останеш неказнет? Не, нема да останеш неказнет, туку ќе ја пиеш чашата.
13 Зашто се колнам во името Свое, вели Господ, дека Восор ќе стане ужас, за потсмев, пустиња и проклетство, и сите негови градови ќе се претворат во вечна пустиња.
14 Чув глас од Господа, и пратеник е испратен кај народите да им каже: соберете се и појдете против него, подигнете се на војна,
15 бидејќи, еве, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето.
16 Твојата страшна положба и гордоста на твоето срце те измамија, тебе, кој живееш во камени пештери и ги држиш врвовите на ритчињата. Но, макар и како орел да направиш гнездо високо, и оттаму ќе те сметнам, вели Господ.
17 И ќе стане Едом пустош; секој, што ќе помине покрај него, ќе се зачуди и ќе потсвирне, гледајќи ги раните негови.
18 Како што беа разорени Содом и Гомор и нивните соседни градови, вели Господ, така и таму нема да живее ниту еден човек, и син човечки нема да престојува во него.
19 И, ете, како лав ќе излезе од висините Јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе ги принудам брзо да излезат од Идумеја, и кој е избран, него ќе го поставам над неа. Зашто, кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговор од Мене и кој пастир ќе ми се спротиви?
20 Па така, чујте го решението на Господа, што го постави Он за Едома, и замислите Негови, што ги има за жителите темански: навистина, нив најмалите од стадото, ќе ги развлечат и ќе ги опустошат живеалиштата нивни.
21 Од шумот на нивниот пад ќе се затресе земјата, и екот на нивното викање ќе се чуе дури до Црвеното Море.
22 Ете, како орел ќе се крене тој, ќе полета и ќе ги рашири крилјата над Восор; и срцето на храбрите Идумејци во оној ден ќе биде како срце на жена, кога се породува.
23 Што се однесува, пак, до Дамаск – Емат и Арпад се осрамотија, зашто, штом ја чуја жалната вест, опаднаа со духот; и, како разбрането море, тие не можат да се успокојат.
24 Се уплаши Дамаск и се сврти да бега; страв го обзеде; болки и маки го опфатија како жена, која се породува.
25 Како не се зачува градот на славата, градот на Мојата радост?
26 И така, ќе паѓаат младите негови по улиците и сите војници ќе загинат во оној ден, вели Господ Саваот.
27 Па ќе запалам оган по ѕидовите на Дамаск, и ќе ги уништам дворците на Венадад.
28 За Кидар и за царствата асорски, што го победи Навуходоносор, царот вавилонски, вака вели Господ: станувајте, тргнете против Кидар и сосипете ги синовите на Исток!
29 Шаторите нивни и овците нивни ќе ги земат за себеси, и покривките нивни и сета нивна покуќнина, и камилите нивни ќе ги земат и ќе им викаат страшно од сите страни.
30 Бегајте, мавнете се што поскоро, сокријте се длабоко, жители асорски, вели Господ, оти Навуходоносор, царот вавилонски се реши против вас и смисли заговор против вас.
31 Станувајте, тргнете против мирниот народ, кој безгрижно живее, вели Господ; кај него нема ни врати, ни резиња, живеат сами.
32 Камилите нивни ќе станат плен и многуте стада нивни ќе бидат разграбени; и ќе ги растурам по сите ветрови, нив, кои си ги стрижат зулуфите, и од сите страни ќе испратам врз нив погибел, вели Господ.
33 И ќе стане Асор живеалиште на шакали, пустиња вечна; човек нема да живее таму и син човечки нема да се задржува во него.
34 Слово Господово, што беше кажано од пророкот Јеремија против Елама во почетокот од царувањето на Седекија, царот јудејски.
35 Вака вели Господ Саваот: еве, ќе го скршам лакот на Елама, неговата главна сила;
36 и ќе испратам против Елама четири ветра од четирите краишта на небото, и ќе ги растурам Еламците по сите тие ветрови, и не ќе има народ, при кого нема да појдат прогонетите Еламци;
37 и ќе ги поразам Еламците со страв пред нивните непријатели и пред оние, што ја сакаат душата нивна; и ќе испратам врз нив беда, гневот Мој, вели Господ, и по нив ќе испратам меч, додека не ги истребам;
38 и ќе го поставам престолот Свој во Елам, и ќе го истребам таму царот и кнезовите, вели Господ.
39 Но во последните денови заробените Еламци ќе ги вратам, вели Господ.