James 1
1 Јаков, слугата на Бога и на Господа Исуса Христа, испраќа поздрав до дванаесетте колена, кои живеат растурено.
2 Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија,
3 знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост:
4 трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток.
5 Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде.
6 Но да се моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура;
7 таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господа.
8 Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан.
9 Понизениот брат нека се фали со возвишеноста своја,
10 а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа ќе помине како цвет од трева;
11 оти сонцето огрева и со својата горештина ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува; така ќе овене и богатиот во својот пат.
12 Блажен е оној човек, кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние, кои Го сакаат.
13 Ниеден, кога е во искушение, да не вели: »Бог ме искушува«, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува,
14 но секого го искушува неговата похот, која го влече и мами.
15 Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт.
16 Не заблудувајте се, браќа мои возљубени.
17 Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена.
18 Оти Он нѐ роди по Своја волја преку словото на вистината, за да бидеме почеток на Неговите созданија.
19 И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз во зборувањето, и бавен на гнев,
20 бидејќи човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда.
21 Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши.
22 Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.
23 Оти, кој го слуша словото а не го извршува, тој прилега на човек, кој го гледа сопственото си лице во огледало;
24 ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил.
25 Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи е незаборавлив слушател, туку извршител на делото, ќе биде блажен во своето делување.
26 Ако некој од вас мисли дека е благочестив, а не го обуздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата благочестивост е суетна.
27 Чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: да пригледуваш сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот.