Hebrews 13
1 Братољубие нека пребива меѓу вас!
2 Гостољубивоста не заборавајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели.
3 Помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, оти и сами сте во тело.
4 Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог.
5 Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она, што го имате. Зашто Сам Он рекол: »Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам«;
6 така што слободно да велиме: »Господ ми е помошник, и нема да се уплашам: што може да ми направи човек?«
7 Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна.
8 Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки.
9 Не впуштајте се во разни туѓи учења; оти е добро со благодат да се поткрепува срцето, а не со јадења, од кои немаа никаква полза оние, што ги употребуваа.
10 Имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат оние, што ѝ служат на скинијата,
11 бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Светилиштето за очистување на гревовите, се изгоруваат надвор од живеалиштето.
12 Па затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти.
13 И така, пред Него да излегуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга,
14 бидејќи овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде.
15 Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово.
16 А доброчинството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога.
17 Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души – та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас.
18 Молете се за нас, оти сме уверени дека имаме добра совест, грижејќи се во сѐ добро да постапуваме.
19 Уште повеќе ве молам да го вршите ова, та поскоро да ви бидам вратен.
20 А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го воздигна од мртвите големиот Пастир на овците – нашиот Господ Исус Христос,
21 нека ве усоврши во секое добро дело, за да ја исполните Неговата волја, вршејќи го во вас она, што Му е Нему благоугодно, преку Исуса Христа, Нему слава во веки веков. Амин!
22 Ве молам, браќа, трпеливо примете го ова поучно слово: оти накратко и ви напишав и испратив.
23 Знајте дека братот Тимотеј е пуштен, со кого, ако скоро дојде, ќе ве видам.
24 Поздравете ги сите ваши наставници и сите светии! Ве поздравуваат браќата што се од Италија.
25 Благодат со сите вас. Амин!