Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Hebrews 12

:
Macedonian - 1990
1 Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нѐ окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба,
2 имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји.
3 Помислете, пак, на Оној, Којод грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не опаднете духом!
4 Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв,
5 и сте ја заборавиле утехата, која вам, како на синови, ви зборува: »Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува,
6 зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима«.
7 Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого што таткото не го казнува?
8 Ако, пак останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови.
9 Ако се плашиме од нашите татковци, кога нѐ казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи?
10 Зашто тие нѐ казнуваа за малку денови, според тоа како им беше угодно; а Он за полза, та да учествуваме во Неговата светост.
11 Секоја казна однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност.
12 Затоа »исправете ги премалените раце и ослабените колена«,
13 и со нозете свои »направете си прави патеки« та, она што е хромо, да не се отклони, туку поскоро да се исцели.
14 Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа:
15 гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат; да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина;
16 да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестивец како Исав, кој за една гозба се откажа од своето првородство.
17 Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен; бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи.
18 Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата,
19 и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе,
20 зашто не можеа да го истрпат она, што им се заповедаше: »И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.«
21 И толку страшно беше она, што се гледаше, така што и Мојсеј рече: »Преплашен сум и треперам«.
22 Вие, пак, пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон десетина илјади ангели,
23 кон соборот и Црквата на првородените, кои се напишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство,
24 и кон Исуса, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата.
25 Гледајте да не Го избегавате Оној, Кој зборува. Оти, ако не останаа неказнети оние, што му откажаа да му служат на оној, што зборуваше на земјата, а колку повеќе ние, кои се одвраќаме од Оној, Кој зборува од небесата,
26 Чиј глас тогаш ја потресе земјата, и Кој сега ветува, зборувајќи: »Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото«.
27 Зборовите »уште еднаш« означуваат дека колебливото, како затворено, ќе се измени, та да остане само неколебливото.
28 И така, примајќи го царството непоколебливо, да ја пазиме благодатта, со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв,
29 бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува.