Bible

Say Goodbye

To Clunky Software & Sunday Tech Stress!

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Hebrews 11

:
Macedonian - 1990
1 А верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа.
2 Преку неа сведоштво добија старите.
3 Преку верата разбираме дека вековите се установени со збор Божји и дека од невидливото произлегло видливото.
4 Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, отколку Каин; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; преку неа, иако умрел, уште зборува.
5 Преку вера Енох беше преселен, за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.
6 А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат.
7 Преку вера Ное, откако доби откровение за она, што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот, за да го спаси својот дом; преку неа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера.
8 Со вера Авраам, бидејќи повикан, послуша да појде до местото, што сакаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи, каде оди.
9 Со вера се пресели Авраам во ветената земја, како во туѓа, и се настани под шатори со Исака и Јакова, наследници на истото ветување;
10 оти тој го очекуваше оној град, што има основи и чиј градител и творец е Бог.
11 Преку верата и самата Сара бидејќи неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, оти Го сметаше за верен Оној, Кој беше ветил.
12 И поради тоа од еден, и при тоа застарел, се родија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.
13 Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и се уверија, и ги поздравија признавајќи дека се гости и придојдени.
14 Бидејќи оние, што така зборуваат, покажуваат дека бараат татковина.
15 И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа време да се вратат.
16 Но сега сакаат подобра, односно небесна; затоа и Бог не се срами за нив да се наречува нивен Бог; бидејќи им приготвил град.
17 Авраам со вера го принесе како жртва Исака, зашто беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единороден син,
18 за кого му беше речено: »Потомството од Исака ќе се нарече со твое име«;
19 оти тој мислеше дека е Бог силен и дека мртви може да воскреснува, поради кое го прими како праобраз на воскресението.
20 Со вера Исак го благослови Јакова и Исава за она, што требаше да стане.
21 Со вера Јаков на умирање го благослови секого од синовите на Јосифа и »им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезалот свој«.
22 Со вера Јосиф на умирање спомна за излегувањето на синовите Израилеви од Египет и порача за коските свои.
23 Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, оти видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед.
24 Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка
25 и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да има преодна гревовна наслада;
26 хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство, отколку сокровиштата на Египет; оти предвид ја имаше наградата.
27 Со вера тој го напушти Египет, не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној, Кој не се гледаше, како да Го гледа.
28 Со вера тој направи Пасха и попрскување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив.
29 Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, кое што се обидоа и Египтјаните да го преминат, но се издавија.
30 Преку вера паднаа ѕидовите ерихонски, откако беа опколени цели седум дена.
31 Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците, откако благонаклоно ги прими извидувачите и ги изведе на друг пат.
32 И што уште да кажам? Оти не ќе имам доволно време, да прикажувам за Гедеона, Варака, Самсона и Јефтаја, за Давида и Самуила и другите пророци,
33 кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови;
34 угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски;
35 жени примија свои умрени воскреснати; други пак, беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение;
36 а други поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор;
37 со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам
38 оние, за кои свето беше недостоен скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни.
39 И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното,
40 оти Бог за нас предвиде нешто подобро, та тие без нас да не постигнат совршенство.