Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Hebrews 10

:
Macedonian - 1990
1 Законот, имајќи ја сенката на идните добра, а не самиот образ на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние, кои пристапуваат.
2 Инаку, би престанале да се принесуваат, бидејќи оние, што служат, веднаш очистени, не ќе имаат веќе никакво сознавање за гревови.
3 Но со жртвите секоја година се напомнува за гревовите,
4 бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги премавне гревовите.
5 Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: »Жртви и дарови Ти не посака, а телото Ми го приготви.
6 Сепаленици за гревот не Ти се угодни.«
7 Тогаш реков: »Ете, идам, напишано е за Мене во почетокот на книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.«
8 Кога погоре рече: »Жртви и дарови и сепаленици за гревот што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни«,
9 а потоа рече: »Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја«, со тоа Он го премавнува првото, за да го постави второто.
10 Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш.
11 И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои што никогаш не можат да ги премавнат гревовите;
12 а Он, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога,
13 очекувајќи понатаму додека непријателите Негови не бидат ставени во подножјето на нозете Негови.
14 Зашто преку едно принесување осветуваните Он ги направи засекогаш совршени.
15 А ни посведочи и Светиот Дух. Оти, откако порано рече:
16 Тоа е заветот, што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вложам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам, Он додава:
17 и за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да се сетам.
18 А каде што има проштавање за нив, таму веќе нема приноси за грев.
19 И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во Светилиштето преку крвта на Исуса Христа, по нов и жив пат,
20 што одново ни го отвори Он низ завесата, односно преку Своето тело,
21 и кога Го имаме Големиот свештеник над домот Божји,
22 тогаш да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ги очистиме срцата од лукава совест со попрскување и откако го измиеме телото со чиста вода;
23 та да го држиме исповеданието на надежта цврсто, оти верен е Оној, Кој се заветувал.
24 И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,
25 не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.
26 Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,
27 туку некакво страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците.
28 Ако оној, што се одрекол од Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци, безмилосно се накажува со смрт,
29 тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној, што го подгазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта?
30 Оти ние Го знаеме Оној што рекол: »Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатам«, вели Господ. И пак: »Господ ќе му суди на Својот народ«.
31 Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!
32 Потсетувајте се на вашите поранешни денови, кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата,
33 било што бевте изложувани на срам и маки, било што станавте соучесници на оние, кои исто така страдаа,
34 зашто и на оковите мои се сожаливте и со радост позволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.
35 И така, не напуштајте ја вашата слобода, за која имате голема награда.
36 Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното;
37 зашто уште малку, сосема малку и »Оној што иде, ќе дојде и нема да се забави.
38 А праведниот преку верата ќе биде жив; а ако отстапи, нема да Ми биде по волјата Моја«.
39 Ние, пак, не сме од оние, што се отстрануваат за погибел, туку од оние, кои веруваат за спасение на душата.