James 2
1 Браќа мои, држете ја верата во Исуса Христа, нашиот Господ на славата, и не гледајте кој е што.
2 Ако во собрание ваше влезе човек со златен прстен, во светли алишта, а влезе и сиромав со проста облека,
3 па погледате на облечениот во светли алишта и му речете: »Ти седни овде убаво!«, а на сиромашниот му речете: »Ти стој таму!« или »Седни овде, при подножјето мое!«
4 И не размисливте во себе, туку станавте судии на лоши помисли.
5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромасите од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние, кои Го сакаат?
6 А вие го посрамивте сиромавиот. Не се ли тоа богатите што ве мачат и влечат по судови?
7 Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле?
8 Ако, пак, го извршувате царскиот Закон според Писмото: »Возљуби го ближниот како самиот себе« – добро правите.
9 Но, ако гледате на лице, грев правите; и Законот ве изобличува како престапници.
10 Оти, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ.
11 Зашто Оној, Кој рекол: »Не прави прељуба«, рекол и: »Не убивај!« Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот.
12 Зборувајте и постапувајте како оние, што ќе бидат судени според Законот на слободата.
13 Оти судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост; милоста во судот се пофалува.
14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?
15 Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат,
16 па некој од вас им рече: »Одете си со мир, грејте се и наситете се!«, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза?
17 И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.
18 Но може некој да рече: »ти имаш вера, а јас имам дела.« Покажи ми ја верата своја без дела, а јас ќе ти ја покажам верата своја од моите дела.
19 Ти веруваш дека Бог е еден; добро правиш; но и бесовите веруваат, а треперат.
20 Не сакаш ли да разбереш, о суетни човеку, дека верата без дела е мртва?
21 Нели со дела се оправда Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи синот свој Исака?
22 Гледаш ли дека верата им помогна на делата негови, и дека преку делата верата стана совршена?
23 И се изврши Писмото, кое вели: »Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими како оправдание«, и тој се нарече – пријател Божји.
24 Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера?
25 А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат.
26 Оти, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.