Isaiah 7
1 Во дните на Ахаза – синот на Јоатама, син Озиев, цар јудејски, – Ресина, царот сириски, и Факеј, синот ремалиев, цар израилски, отидоа против Ерусалим да го завладеат, но не можеа да го преземат.
2 Тогаш му беше соопштено на домот Давидов и речено: »Сиријци се сместија во земјата Ефремова. И му затрепери срцето на Ахаза и срцето на народот негов, како што од ветар се нишаат дрвјата.«
3 И му рече Господ на Исаија: »Излези и ти и син ти Сеарјасув да го пречекаш Ахаза на крајот од горното езеро по патот кај нивата на валавичарот,
4 и кажи му: внимавај и биди спокоен; не бој се, и да не се плаши срцето твое пред двата краја на тие гламји што чадат, од разгорениот гнев на Ресина, на Сиријците и на синот Ремалиев.«
5 Сирија, Ефрем и синот Ремалив кројат против себеси зло, велејќи:
6 »да одиме против Јудеја и да ја исплашиме, да ја завладееме и да го поставиме за цар Тавеиловиот син.«
7 Но Господ Бог вели вака: »Тоа нема да стане и нема да се изврши,
8 зашто главата на Сирија е Дамаск, а главата на Дамаск – Ресин; по шеесет и пет години Ефрем ќе престане да биде народ;
9 глава на Ерфема е Самарија, а глава на Самарија – синот Ремалиев. Ако не верувате, нема да се додржите.«
10 И продолжува Господ да му говори на Ахаза и му рече:
11 »Барај за себе знак од Господа, твојот Бог: барај или во длабочините или во височините.«
12 И рече Ахаз: »Нема да барам и нема да го искушувам Господа.«
13 Тогаш Исаија рече: »Слушајте, пак, доме Давидов! Зар ви е малку тоа што им дотежнувате на луѓето, па сакате да Му дотежнувате и на мојот Бог?«
14 Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му дадат името Емануел.
15 Тој ќе се храни со млеко и мед, додека да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто.
16 Зашто, пред доенчето да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто, оваа земја, од која ти се плашиш, ќе биде оставена од двајцата цареви.
17 Но Господ ќе испрати врз тебе и врз народот твој и врз домот на татка ти, какви што не доаѓале, откако Ефрем се оддели од Јуда – ќе го испрати асирскиот цар.
18 И ете, во тој ден Господ ќе свирне не мувите, кои се кај устието на египетската река, и на пчелата, која е во асирската земја, –
19 и ќе долетаат и ќе заседнат сите тие по запустените долини и по камените пештери и по сите трништа и по сите дрвја.
20 Во тој ден Господ ќе го избричи со брич земен од оваа страна на реката – преку асирскиот цар, главата и влакната на нозете, ќе ја симне дури и брадата.
21 И во тој ден, кој храни крава и две овци,
22 поради изобилството на млеко, што тие ќе го дадат, ќе јаде масло; со масло и мед ќе се хранат сите, што останале во таа земја.
23 Во тој ден на секое место, каде што растеле илјада лози за илјада сребреници, ќе има глог и трниште.
24 Таму ќе се оди со лакови и стрели, бидејќи целата земја ќе е во глогови и трњаци.
25 И на ниедна од горите, што биле расчистувани со трнокоп, нема да одиш, поради страв од глог и од трња; таму ќе истеруваат говеда и ситен добиток ќе гази.