Isaiah 6
1 Во годината кога умре цар Озија, јас го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат, а полите на одеждата Негова го исполнија целиот храм.
2 Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе.
3 И викаа еден кон друг и велеа: »Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!«
4 И се разниша, горништето на вратите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим.
5 И реков: »Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот Господа Саваот!«
6 Тогаш долета до мене еден од серафимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жртвеникот,
7 се допре до устата моја и ми рече: »Ете, тоа се допре до устата твоја – и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти.«
8 И го чув гласот на Господа, Кој рече: »Кого да испратам у кој ќе отиде заради нас?« А јас реков: »Еве ме мене, испрати ме мене!«
9 Тогаш Он рече: »Оди и кажи му на тој народ: ‚со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – и нема да видите.‘
10 Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам.«
11 И реков: »До кога, Господи?« Он рече: »Додека запустат градовите и останат без жители, и куќите без луѓе, земјата сосема не се запусти,
12 додека Господ не ги оддалечи луѓето и голема пустош во таа земја да има.
13 И ако остане уште десеттиот дел на неа и се врати, таа пак ќе биде разорена; но како од брест и даб, кога се и отсечени, останува коренот нивни, така светото семе ќе биде нејзин корен.«