Isaiah 58
1 Викај со сиот глас, не се воздржувај; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови.
2 Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, кои како народ, божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог; сакаат од мене праведен суд, сакаат да се приближат до Бога:
3 »Зашто ние постиме, велат, а Ти не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш« – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и од другите барате тешки трудови.
4 Ете, вие постите за караници и расправии и за да ги биете со рака сиромасите; вие не постите во тоа време така, што гласот ваш да биде чуен во висините.
5 Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господа?
6 Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем;
7 раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од еднокрвниот не се криј.
8 Тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува.
9 Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Он ќе рече: »Еве Ме.« Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо,
10 кога ќе му ја дадеш на гладниот душата своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот, – тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне;
11 и Господ секогаш ќе ти биде водач, а и во време на суша ќе ја наситува душата твоја и ќе ги крепи коските твои; ти ќе бидеш како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат.
12 Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги востановиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби.
13 Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, –
14 тогаш ќе имаш радост во Господа, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јакова, твојот татко: устата на Господа го изрече тоа.