Isaiah 57
1 Праведниот умира и никој не се загрижува; и благочестиви мажи се грабат за земјата, и никој не помислува дека праведникот од зло се оттргнува.
2 Тој оди во мир; оние што одат по правиот пат, ќе почиваат на леглата свои.
3 Но приближете се вие тука, синови на маѓепсница, семе на прељубодеец и на блудница!
4 Со кого се подбивате? Против кого отворате уста и го покажувате јазикот? Не сте ли деца на престап, семе на лагата,
5 кои сте запалени од похотта кон идоли под секое гранчесто дрво, кои колете деца покрај потоци, меѓу пукнатини на карпи?
6 Во мазните камења на потоците е твојот дел; тие, тие се твој жреб, ним им правиш ти прелив и им принесуваш жртва: можам ли Јас да бидам од тоа задоволен?
7 На висока и голема планина го поставуваш леглото свое, и таму е качуваш да принесуваш жртва.
8 Зад вратата и зад довратниците ги ставаш твоите спомени; зашто, кога ќе се одвратиш од Мене, ти се разголуваш и се качуваш; го прошируваш леглото свое и се договараш со оние од нив, со кои сакаш да лежиш и го погледуваш местото.
9 Ти си одела и кај царот со миризливо масло и си ги умножувала твоите мириси, и далеку си ги испраќала своите гласници и си се понижувала до пеколот.
10 Од долгиот пат ти си се заморувала, но не рече: »Надежта е изгубена!« Сѐ уште си наоѓаш живот во раката своја, и затоа не почувствува слабост.
11 А од кого се уплаши и застраши, па стана неверна и престана да Ме помниш и да пазиш во срцето свое? Не е ли затоа што Јас молчев, што молчев долго, та ти престана да се плашиш од Мене?
12 Ќе ја објавам твојата правда и твоите дела, и тие нема да бидат во твоја полза.
13 Кога ќе повикаш, ќе те спаси ли она што си го собрала? – Сето тоа ветрот ќе го однесе, ќе го развее; а кој се надева на Мене, ќе ја наследи земјата и ќе ја владее Мојата света гора.
14 Ќе се рече: »Срамнете, рамнете, израмнете го патот, кревајте ги пречките од патот на Мојот народ.«
15 Зашто вака вели Високиот и Возвишениот, вечно Живиот Светец и Неговото име: »Јас живеам на небесната височина и во светилиштето, но сум со оние што имаат скрушено срце и смирен дух, за да го оживувам духот на смирените и да ги ожувувам срцата на скрушените.
16 Зашто нема вечно да се заканувам, ниту докрај да се гневам; инаку ќе падне пред Мене секој дух и секој здив што сум го создал.
17 Заради беззаконието на неговата лакомост Јас се разгневив и го поразив, се сокрив и негодував; но тој откако се одврати, отиде по патот на срцето свое.
18 Ги видов патиштата негови, но ќе го излекувам, ќе го водам и ќе го утешувам, него и оние што го жалат.
19 Јас ќе го исполнам словото: мир, мир на далечен и на ближен, вели Господ, и ќе го излекувам.«
20 А нечесните се како разбрането море, кое не може да се смири, и чии води исфрлаат тиња и кал.
21 Мир нема за нечестивите, вели Господ Бог.