Isaiah 52
1 Дигни се, дигни, облечи се во силата своја, Сионе! Облечи се во облеката на величието свое, Ерусалиме, свети граде! Зашто отсега нема повеќе да влегува во тебе необрезан и нечист.
2 Истреси го од себе правот; стани, заробени Ерусалиме! Симни ги веригите од вратот свој, заробена ќерко Сионова!
3 Зашто вака вели Господ: »За ништо бевте продадени, и без сребро ќе бидете откупени.«
4 И уште вака вели Господ Бог: »Народот Мој одеше порано во Египет, за да поживее таму, а Асур го притеснуваше без причина.
5 А сега што имам тука« – вели Господ: »Народот Мој е земен со дар, владетелите нивни беснеат, вели Господ, и постојано, секој ден, името Мое се навредува.
6 Затоа Мојот народ ќе го познае името Мое; затоа ќе разбере во оној ден, дека Јас сум истиот, Кој вели: ‚еве Ме!‘«
7 Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение, кој му говори на Сион: »Твојот Бог се зацари!«
8 Ете го гласот на твоите стражи! Тие кренаа глас, и сите заедно ликуваат, зашто со очите свои гледаат, дека Господ се враќа во Сион.
9 Веселете се, пејте заедно, урнатини ерусалимски, зашто Господ го утеши народот Свој – го откупи Ерусалим.
10 Ја засука Господ Својата света мишка пред очите на сите народи, – и сите краишта земни ќе го видат спасението од нашиот Бог.
11 Одете си, одете си, излезете оттаму; не допирајте се до нечисто; излезете од средината негова, очистете се, вие што ги носите садовите Господови!
12 Зашто нема да излезете набргу и нема да избегате; оти пред вас ќе тргне Господ, и Бог Израилев ќе биде зад вас.
13 Ете, Мојот слуга ќе успее, ќе се воздигне, ќе се возвиси и возвеличи.
14 Како што мнозина беа зачудени, гледајќи во Него – толку ликот Негов беше обезличен повеќе, отколку на секој човек, и видот Негов – повеќе, отколку на синовите човечки, –!
15 така ќе зачуди многу народи, цареви ќе ја затвораат пред Него устата своја, зашто ќе го видат она, за кое не им било говорено, и ќе го дознаат она што не го слушнале.