Isaiah 51
1 Послушајте Ме вие, што копнеете за правда, вие кои Го барате Господа! Погледајте ја карпата, од која сте исечени, и по длабочината на трапот, од кој сте извлечени.
2 Погледајте го Авраама, вашиот татко, и на Сара, која ве родила; зашто Јас го повикав него единствениот, го благословив и го умножив.
3 Така, Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи пуситњите негови како рај и степите негови – како градина Господова; радост и веселба ќе има во него, славословие и пеење на песни.
4 Послушајте Ме, народе Мој и племе Мое, приклонете го увото кон Мене! Зашто од Мене ќе излезе закон и Мојот суд ќе го поставам за светлина на народите.
5 Мојата правда брзо ќе стигне; Моето спасение изгрева и Мојата мишка ќе ги суди народите; островите ќе се надеваат на Мене и ќе се надеваат на мишката Моја.
6 Кренете ги очите кон небото и погледајте на земјата долу: зашто небото ќе изчезне како дим, и земјата ќе изветви како облека, а жителите нејзини исто така ќе изумрат; а Јас ќе спасувам вечно, правдата Моја нема да престане.
7 Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срцето свое го имаш Мојот закон! Не плашете се од прекорување на луѓето, ниту стравувајте од злословието нивно.
8 Зашто молец ќе ги изеде како облека и црв ќе ги изеде како волна; а Мојата правда ќе преуспее засекогаш, и Моето спасение – од род во род.
9 Крени се, крени, облечи се во сила, мишко Господова! Дигни се, како во древни дни, во дамнешните родови! Зар не го уништи ти Рава, зар не го порази змејот?
10 Не го исуши ли морето, водите и големата бездна, не ги претвори ли морските длабочини во пат, за да поминат искупените?
11 Ќе се вратат избавените од Господа, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе изчезнат.
12 Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира, и од човечки син, кој е исто она што е и тревата?
13 Го забораваш Господа, својот Творец, кој го прострел небото и ја основал земајта; и непрестајно, секој ден се плашиш од јароста на угнетувачот, како да е готов тој да истреби? Но каде е сега јароста на угнетувачот?
14 Скоро ќе биде ослободен заробениот, и нема да умре во јамата, ниту ќе има потреба од леб.
15 Јас сум Господ твој, Кој го бранува морето, та брановите негови викаат: Господ Саваот е името Негово.
16 И Јас ќе ги вложам Моите слова во устата твоја, и со сенката на раката Своја ќе те покријам, за да го устројам небото и да ја утврдам земјата и да му кажам на Сион: »Ти си Мој народ.«
17 Разбуди се, разбуди се, стани, Ерусалиме, ти, кој од раката на Господа ја испи чашата на јароста Негова, до дното си ја испил и исушил чашата што опива.
18 Меѓу сите синови, од него родени, нема кој да го води, и меѓу сите синови, од него одгледани, нема кој за рака да го придржи.
19 Тебе те снајдоа две неволји, кој ќе те пожали? – Опустошување и истребување, глад и меч: кој ќе те утеши.
20 Синовите твои изнемоштеа, лежат по аглите на сите улици, како срна во стапица, исполнети со гнев Господов, со заплашување од твојот Бог.
21 И така, ислушај го ова ти, кој си страдалник и пијан, но не од вино.
22 Вака вели Господ твој, Господ и Бог твој, Кој одмаздува за Својот народ: »Ете, јас земам од раката твоја чаша што опива, од чашата на Мојата јарост ти веќе нема да пиеш.
23 Ќе ја дадам во раката на твоите мачители, кои ти велеа: ‚Падни ничкум, за да минам по тебе‘; и ти го правеше грбот свој како земја и како улица за минувачите.«