Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Isaiah 53

:
Macedonian - 1990
1 Господи, Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се откри силата Господова?
2 Зашто изникна Он пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни изглед, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него.
3 Он беше презрен и понизен меѓу луѓето, маж на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Он беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме.
4 Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме, дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога.
5 А Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.
6 Сите ние бевме заблудени како овци, се отстрани секој од патот свој, и Господ ги возложи врз Него гревовите на сите нас.
7 Он беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја.
8 Он беше лишен од праведен суд. Но родот Негов Кој ќе го објасни? Зашто беше одземен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт.
9 Му определија гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата негова немаше лага.
10 Но на Господа му беше угодно да Го понизи, и Го предаде на мачење; а кога душата Негова Му принесе милостивна жртва, Он ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе напредува преку Неговата рака.
11 Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Праведниот Слуга Мој ќе ги оправда мнозина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе.
12 Затоа Јас ќе Му дадам големо наследство, со силните плен ќе дели, зашто душата Своја на смрт ја предаде, и меѓу злодејците беше вброен и ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник.