Hosea 8
1 Стави ја трубата на уста! Непријателот како орел ќе налета на Домот Господов, оти тие го нарушија заветот Мој и го престапија законот Мој.
2 Ќе викаат кон Мене: »Боже мој, ние Те познаваме; ние сме Израилот.«
3 Израил го отфрли доброто; затоа непријател ќе го гони.
4 Си поставаа цареви свои, без Мене; си избираа кнезови, пак без Мене; од среброто свое и од златото свое направија идоли: оттаму е погибелта.
5 Те остави тебе телето твое, Самаријо; се распали гневот Мој против нив; до кога ли не ќе можат да се исчистат оние што се во Израилот?
6 И него уметник го направил, тоа не е бог; затоа те мамеше телето твое, Самаријо.
7 Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат; житни стебленца со корен тој не ќе има; зрното нема да даде брашно; ако, пак, и даде, туѓинци ќе го изедат.
8 Проголтан е Израилот; меѓу народите сега е како негоден сад.
9 Тие отидоа при Асирецот како див осел, кој самотно скита; Ефрем со подароци придобиваше благонаклоност спрема себеси.
10 Па, иако праќаше дарови на народите, наскоро Јас ќе ги соберам, и тие ќе почнат да страдаат од царот и кнезовите;
11 оти Ефрем изгради многу жртвеници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници.
12 Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи.
13 Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господа тие не му се угодни; сега Он ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; тие ќе се вратат во Египет.
14 Израил го заборави Создателот свој и си изгради идолски светилишта, а и Јуда изгради многу утврдени градови; но Јас ќе испратам оган врз градовите негови – и тој ќе му ги проголта дворците негови.