Hebrews 7
1 Оти тој Мелхиседек беше цар Салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој што го пресретна Авраама, кога се враќаше од борбата со царевите, и го благослови,
2 кому и Авраам му даде десеток од сѐ, и кој по значењето на името негово е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот,
3 без татко, без мајка, без род, немаше ни почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е уподобен на Синот Божји, и останува вечен свештеник.
4 Гледате ли колку е голем оној, кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен!
5 Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед да земаат по Законот десеток од народот, односно од браќата свои, иако и тие произлегле од бедрата Авраамови.
6 Но тој, кој не му припаѓаше на нашиот род, зеде десеток од Авраама и го благослови оној, што имаше ветувања.
7 Не може да има никаков спор дека помалиот се благословува од поголемиот.
8 И така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има сведоштво, дека е жив.
9 И, така да речам, Левиј, кој прими десетоци, и сам даде десеток преку Авраама,
10 бидејќи уште беше во бедрата на татка си, кога го сретна Мелхиседек.
11 Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свештенство, бидејќи врз основа на него народот доби Закон, каква потреба има да се воздигне друг свештеник по чинот на Мелхиседека, и да се нарече по чинот на Арона?
12 Оти, кога ќе се промени свештенството, тогаш станува потреба да се измени и законот.
13 А Оној, за Кого се зборува ова, се вбројуваше во друго колено, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот;
14 зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол.
15 И уште појасно станува тоа, кога се воздига слично на Мелхиседека друг свештеник,
16 кој станал таков не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот.
17 Оти се посведочи: »Ти си вечен свештеник по чинот на Мелхиседека.«
18 А, пак, одменувањето на поранешната заповед се изврши поради тоа, што таа беше слаба и бесполезна,
19 оти Законот ништо не доведува до совршенство; а се воведе подобра надеж, преку која се приближуваме до Бога.
20 И тоа не без клетва.
21 Оти оние беа станале свештеници без клетва, а Он – со клетва, преку Оној, Кој Му рече: »Се заколна Господ и нема да се раскае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков«.
22 Затоа на толку подобар Завет стана залог Исус.
23 А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден;
24 а Он, бидејќи Сам, пребива вечно, има свештенство што нема да мине на друг.
25 Затоа Он и може и за вечно да ги спаси оние, што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив.
26 Таков Првосвештеник и ни требаше: свет, незлобив, непорочен, одвоен од грешниците и повисок од небесата,
27 Кој нема потреба, како и другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за гревовите свои, а потоа и за оние на народот, бидејќи Он го изврши тоа еднаш за секогаш, откако Сам Себе се принесе како жртва.
28 Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе, што се немоќни; а словото на клетвата што е по Законот – Синот, Кој е вечно совршен.